Возачот на Мерцедес и во Формула 1 шампионатот и актуелен шампион Луис Хамилтон е победник на ГН во Мексико, која денес се возеше на патеката „Ерманос Родригез“. Британецот стигна до својата осма победа во сезоната, намалувајќи ја разликата на клупскиот колега, Нико Розберг на 19 поени.
Трката започна нервозно, со неколку инциденти, па безбедносното возило мораше да излезе на патеката уште на самиот старт. Во продолжението немаше голем број на претекнувања и возбудувања на патеката, па Хамилтон без никаква закана стигна до триумфот.
Розберг и Фетел ги пополнија останатите две места на пиедесталот. Очекувано, германскиот пилот во Мерцедес возеше резервирано и без ризик стигна до зацртаната цел. Возачот на Ферари имаше мал инцидент со Макс Верстапен, по кој Холанѓанецот доби казна од пет секунди и го загуби третото место. Голема борба се водеше за четвртото место, кое на крај го освои Даниел Рикиардо, а поради казната од стјуардите, вториот возач на Ред Бул заврши на петтата позиција.
Последните две трки ќе го дадат името на новиот шампион во Формула 1 шампионатот. Најпрво ќе се вози на патеката „Хозе Карлос“ во Бразил, за на крај пилотите да возат на патеката во Абу Даби.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.