Изјавата на албанскиот премиер Еди Рама кој пред десетина дена објави дека целта на неговата држава никогаш не била Голема Албанија и дека идеите за големи држави во регионот припаѓаат на минатото е само една светла точка во мракот кој полека го прекрива регионот. Зборовите на Рама во интервјуто за „Ал Џазира“ даваат простор за оптимизам дека Балканот ги научил своите лекции, но ни оддалеку не нудат гаранции дека сите големодржавни духови се трајно затворени во националните шишиња. Лидерот на албанските социјалисти е политичар, а на таквите по дефиниција не може да им се верува целосно, особено ако пред само една и пол година изјавиле дека ако „Албанците и Косовците не се обединат преку Европа, тоа ќе го сторат на класичен начин“.
Откако Рама во април лани по оваа изјава доби „по носот“ од Брисел и од Вашингтон, тој ја смени реториката и почна да шири пријателство со Белград и да ги напаѓа сопствените ставови за унификација на Албанија и на Косово, но никого не може да убеди дека една од желбите му е да биде премиер на сите албански територии за кои зборуваше и неговиот претходник Сали Бериша и низа косовски раководители.
За жал, албанско-косовските собитија не се единствените што можат да предизвикаат бура во регионот и со тоа драматично да го отежнат патот до стабилизација на Македонија.
Македонија не е остров
Во услови кога има огромен број врски меѓу сите земји во регионот, не постои начин Македонија да го продолжи својот пат кон економски развој ако во соседството се случуваат разузнавачки, воени и политички игри врз кои ние најмалку имаме влијание.
А, такви игри има премногу. Меѓу нив е обидот на дел од косовските парламентарни партии да создадат конфликт со Црна Гора тврдејќи дека демаркацијата на границата меѓу двете земји е направена на штета на Косово. На сите им е јасно дека никој во Приштина не очекуваше навистина да се земе дел од територијата на Црна Гора, туку да се види со каков капацитет за насилни акции располага екстремниот дел од косовската политика кој утре ќе биде употребен во Македонија, Србија или каде и да е потребно.
Промената на имињата на улиците во Белград, со што за сметка на руски генерали беше избришан Гоце Делчев од историјата на главниот град на Србија, не мора да значи дека постои високо ниво анимозитет меѓу двата соседа, но дава јасна претстава дека во односите со северниот сосед не смееме да сметаме на никаков друг фактор освен на национални или домашни интереси. Односите со Србија засега може да се оценат како пријателски и блиски, но никого не треба да изненади доколку тие нагло се променат ако, на пример, Македонија застане зад Косово во некое идно гласање во ОН или доколку официјален Белград ги застапува руските интереси во контекст на Македонија, која по никоја цена не смее да излезе од групата земји во блиски односи со ЕУ и со НАТО.
Како ова сценарио на хаосот функционира во реалноста може да се види од последните искричења на релација Подгорица – Белград кога црногорските власти уапсија српски граѓани што сакале да создадат тензии во Црна Гора, а во исто време и српските служби откриле десетина луѓе што го следеле црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ. Зборувајќи за случајот, српскиот премиер Александар Вучиќ се пожали дека во неговата земја се забележани засилени активности на странски разузнавачки служби „и од Запад и од Исток“. Наводно биле забележани случаи на давање безбедносни материјали од српски разузнавачи на странски амбасади, но Вучиќ одби да даде детали.
Иако Македонија не е директно инволвирана во овие настани, јасно е дека не е целосно заштитена во иднина од слични инциденти. Ланската погибел на осум македонски полициски специјалци е најдобриот пример колку е државата ранлива за напади од соседството кога и самата се наоѓа во политички или економски хаос. Од тие причини на Македонија на 11 декември ѝ се потребни чисти избори и брзо формирање функционална влада раководена со силно мнозинство коешто има заедничка цел, целосно стабилизирање на државата. Влада во која различни партии ќе имаат различни стратегиски, политички и внатрешни цели ќе биде, можеби, најлошата варијанта.
Бугарија и Грција не седат со скрстени раце
Како влијае домашната нестабилност на аспирациите на соседите кон Македонија уште подобро може да се види од однесувањето на Грција и на Бугарија во овие две години. И ако за Владата на Грција дури можеме да кажеме дека барем јавно се залага за добрососедство со Бугарија, работата е драматично полоша. Земјата што прва нѐ призна под уставно име, во моментите на кумановската криза во мај лани најави трансфер на воени единици на границата со Македонија иако немаше никаква закана на граничната линија. Целта во тој случај беше неколкустрана, но во ниеден случај не беше пријателски насочена кон Македонија. Софија, прво, се обиде да претстави пред светот дека Македонија е пред војна, второ, дека Бугарија има отворени аспирации доколку земјата се распаѓа и, трето, се обиде да изврши директен удар врз сликата на Македонија како дестинација за странски инвестиции. За жал, во последното делумно успеа затоа што мал број бизнисмени би инвестирале во земја на чиишто граници се поставени бугарски или какви било тенкови.
Посебна приказна е поставувањето спомен-плоча во чест на загинатите војници од бугарската армија во Првата светска војна кај Кајмакчалан. Речиси неверојатно е бугарските воени разузнавачки служби да не знаат и да не спречат упад на свои војници на туѓа територија со цел поставување спомен-плоча. Напротив, пологично е бугарските воени и политички власти да одобриле ваква провокација со цел која само на нив им е позната. Цел која по кој знае кој пат не оди во правец на развивање добри односи со своите соседи.
Во овој контекст треба да се спомне и грчкиот претседател Прокопис Павлопулос. Иако за многумина набљудувачи се работи за недостиг од други теми кои може да ги експлоатира во грчката јавност, не е мал бројот на тие што тврдат дека неговото постојано спомнување на Македонија е дел од добро подготвено сценарио на грчките воени безбедносни фактори кои преку него наметнуваат своја радикална агенда и со тоа ги поткопуваат плановите за топење на мразот меѓу Скопје и Атина, за што барем официјално се залага владата на Ципрас.
Нов бегалски бран
Покрај овие политичко-маркетиншки игри со кои Македонија е соочена од независноста, стабилноста на новата влада ќе има уште една важна задача во случај на целосно пропаѓање на договорот ЕУ – Турција со кој се блокираа бегалците на патот кон Европа. Нефункционална влада што ќе има дилеми меѓу зачувување на националната безбедност и либерално толкување на меѓународните правила за правата на економските емигранти, кои не ги почитуваат ниту најголемите и најдемократски држави во ЕУ, ќе предизвика хаос од кој тешко ќе можеме да се извлечеме.
Русија – САД
Уште една причина зошто Македонија во јануари треба да добие влада што ќе има целосна контрола врз ситуацијата без можности за уцени од кој било фактор се и глобалните игри меѓу суперсилите. Западните служби веќе информираа дека Русија се обидува да пенетрира подлабоко во Србија и особено има влијание врз состојбите во Република Српска која, доколку се одлучи за референдум за отцепување од Босна и Херцеговина, може да предизвика нова балканска војна. Верижната реакција од ваквиот развој на настаните не може да ја одмине Македонија и поради својата близина и поради предолгата политичка криза и ранливоста на земјата.
(Текст објавен во 217. број на неделникот Република, 28.10.2016)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.