Многу пати досега како и при последното судење благовремено сме превенирале и откривале обиди за протурање мобилни апарати и сме пресретнувале намери за бегство, тврди директорот на БЈБ Митко Чавков во интервју за неделникот Република.
На прашањето дали има вистина во информациите објавени во некои медиуми дека неодамна е спречен обид за доставување локатор до еден од обвинетите во „Диво Насеље“ – уред кој подоцна, најверојатно, требало да се искористи при евентуален обид за нивно ослободување, Чавков вели:
– Со ова прашање ја допирате вистинската реалност за актуелни прашања во делот на националната безбедност на Република Македонија, но и прашања поврзани со регионалната безбедност. Обезбедувањето на оваа терористичка структура во затворите и за време на судските рочишта се посебен предизвик за безбедносните сили кои високо професионално, како и досега, се справуваат со различните предизвици поврзани со нивните намери за бегство како и со нивните очекувања за поддршка од надвор за реализирање на нивните цели – бегство од правдата. Многу пати досега како и при последното судење благовремено сме превенирале и откривале обиди за протурање мобилни апарати и сме пресретнувале намери за бегство. Но, и покрај силните удари на Министерството предизвикани со незаконските промени, како и со кршењето на процедурите и стандардите за работа, ја уверувам македонската јавност дека, како и досега, нема да дозволиме да ја вовлечат македонската полиција да се судри меѓу себе ниту да се судри со граѓаните, впрочем тоа веќе го докажавме со високо професионално однесување при обезбедувањето на таканаречената „Шарена револуција“ кога многу пати бевме понижувани и предизвикувани со цел да не вовлечат во сценарио на мала група луѓе кои ги злоупотребија мирните протести на повеќето, вели Чавков.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.