Книжарницата „Табернакул“ – едно од култните места за развојот на културниот живот во Скопје се затвора на 29 октомври 2016 година. Ова беше објавено на страницата на „Табернакул“ на „Фејсбук“.
„Ве известуваме дека од 29 октомври 2016 книжарницата Табернакул престанува со работа.
Им благодариме на сите читатели и посетители во изминатите години за лојалноста.
Телефонскиот број и е-адресата ќе бидат во функција и понатаму за сите Ваши барања и информации“, се вели во објавата.
Книжарницата во центарот на градот, до Театарот за деца и младинци ќе биде затворена, но издавачката куќа ќе продолжи да постои.
– Книжарницата ќе се затвори, но издавачката куќа продолжува да работи. Едноставно веќе нема економска оправданост да постои. Притиснати од економските состојби, решивме да ја затвориме. Веќе не можевме да ја одржуваме. Задоволни сме и благодарни на сите читатели и посетители во изминатите години за лојалноста – изјави за „Република“, Ванчо Каранфилов, од „Табернакул“.
Првата книжарница „Табернакул“ беше отворена во 1991 година и во зградата на тогашниот Македонски народен театар, денес Македонска опера и балет.
„Табернакул“ беше дом и место за собирање на сите градски љубители на уметноста. Се одржуваа промоции, изложби, средби на писателите со читателите.
Според информациите на нивната официјална страница, бројот на наслови со кои располага книжарницата се движи меѓу 10 и 15 илјади. Опфатени се изданија од домашни и странски издавачи, а има и дел за антикварни книги.
„Табернакул“ е првата приватна издавачка куќа во Република Македонија, основана 1989 година. Нејзина главна ориентација е објавување на дела од областа на книжевноста, филозофијата, теологијата, како и од историјата на нашата култура и уметност. Од 1998 година „Табернакул“ започнува со издавање учебници за основно, а потоа и за средно образование.
Од 2012 година издавачката куќа ја востанови меѓународната книжевна награда „Табернакул“ е востановена во 2012 година. Покровител на наградата е Премиерот на Република Македонија. Целта на оваа книжевна награда е да се промовираат најзначајните, светски признати книжевни вредности на македонски јазик, како и да му се покаже на светот дека Македонија е земја со долга книжевна и културна традиција која сака да покаже особена почит за сите книжевни и културни глобални достигнувања денес.
Првите добитници на книжевната наградата „Табернакул“ во 2012 година беа Милан Кундера и Љубивоје Ршумовиќ. Следната година „Табернакул“ успеа во Скопје да ги донесе нобеловецот Орхан Памук и Русинот Виктор Ерофеев. Од 2013 година наградата почна да се доделува на две години и во 2015 година добитници на книжевната награда беа британскиот драмски автор Том Стопард и нобеловката Херта Милер. Сите, освен Кундера лично дојдоа во Скопје и ја примија наградата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.