| четврток, 6 декември 2018 |

„Антолог“ отвора нова книжарница во центарот на Скопје

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје објави дека отвора нова книжарница во самиот центар на Скопје, на бул. „Димитрие Чуповски“ бр. 31 лок. 1, веднаш до Гимназијата „Јосип Броз Тито“. Новиот продажно-изложбен салон на „Антолог“ ќе почне со работа в петок, на 1 септември од 19 часот, за кога е закажано и свеченото отворање.

-Новата книжарница е следната приказна што ја испишуваме на барање на нашите читатели, простор што ќе биде поблиску до книгољупците, но ќе го задржи оригиналниот уметнички концепт по кој досега нè препознаваа. Покрај богатиот асортиман на домашна и преводна литература за сите возрасти, и оваа книжарница ќе им понуди на љубителите на уметноста голем избор на книжевни настани, промоции, средби и гостувања на автори“, велат од „Антолог“ и додаваат: „Искрено се надеваме дека читателите и овде ќе пронајдат свое омилено книжевно катче, кое ќе им ги отвори вратите кон нови светови и во кое секогаш со задоволство ќе се враќаат.“

Во книжарницата на „Антолог“ ќе бидат достапни огромен број наслови од повеќе издавачки куќи. Читателите ќе можат да ги одберат најубавите книги од сите жанрови и видови: белетристика, книги за деца, дела од македонски автори, модерна психологија, боенки. Покрај тоа, посетителите ќе можат да си одберат од препознатливите аксесоари од брендот на „Антолог“.

Работното време на книжарницата, во која е дозволено и присуство на домашни миленичиња („pet friendly“), ќе биде од понеделник до сабота од 9 до 21 часот, што значи вистинско целодневно уживање за сите љубители на читањето.

Промотивно-рекламните материјали се дизајнирани од страна на македонскиот уметник Ване Костуранов.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top