| четврток, 6 декември 2018 |

За инцидентот на „Месталја“: Валенсија казнета парично, Барса опомената за циркусот

Дисциплинската комисија на шпанскиот фудбал денеска донесе конечна одлука за инцидентот кој се случи на „Месталја“ во завршните моменти од дерби натпреварот меѓу Валенсија и Барселона.

Па иако домаќините заработија казна за фрлените предмети кон играчите на гостинскиот тим, во соопштението посебно се потенцира и театарот кој го презентираа ѕвездите на актуелниот првак.

Валенсија е казнета со 1.500 евра парична казна и во ниту еден случај не било доведено во прашање да се затвори „Месталја“ на извесно време, а како добра причина за тоа се наведени провокациите на гостите и театралните падови по шишето кое всушност погоди само еден играч.

„Реакцијата на одредени фудбалери на Барселона не беше воопшто на ниво. Пред да биде испратено шишето од публиката, играчите на Барселона со гестови и реакции ги провоцираа навивачите. Не се оправдува ниту реакцијата на фановите која е прекумерна, но некои играчи направија циркус. Без шишето да има било каков контакт со нив, тие симулираа дека се удрени и направија работите да изгледаат многу посериозни од тоа што се. Фудбалерите сами се исмеаја“, стои во дел од соопштението на дисциплинската комисија на шпанскиот фудбал.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top