Со пригодна свеченост денеска беше одбележано завршувањето на седумгодишниот проект за конзервација и ревитализација на манастирскиот комплекс „Света Богородица Перивлепта“ во Охрид.
Станува збор за исклучително важен проект спроведен со грант на Фондот за културна заштита на Амбасадата на САД, со кој е возобновен сјајот на еден од најзначајните средновековни споменици во Република Македонија, но и еден од најрепрезентативните споменици на византиската уметност во светски рамки.
Kонзерваторските зафати се изведени со највисоки конзерваторски стандарди и со примена на најсовремени техники и материјали. Поставен е и нов покрив, нов дренажен систем, заменeти дотраените градежни елементи, обновена фасадата, реставрирана камбанаријата, конаците и, што е можеби најважно – направена е конзервација на живописот во црквата.
Амбасадорот на САД Џес Бејли истакна дека овој проект е еден од најголемите и најважните од многуте слични зафати што САД преку својот Амбасадорски фонд ги спроведуваат во повеќе од 125 држави во светот.
– Мошне сме горди што на овој начин придонесуваме за зачувувањетро на ваквите богатства, за следните генерации да можат да уживаат во нивната убавина. САД во моментов поддржуваат 13 слични проекти од Гевгелија до Кокино, од Кратово до Тетово. Наша решеност е да и помагаме на Македонија во зачувувањето на извонредниот диверизитет на богатото културно наследство, и да придонесеме за негова промоција како светско културно богатство, истакна Бејли, заблагодарувајќи се на сите институции и поединци вклучени во овој проект.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска искажа задоволство што со воој прокет се реализираат заедничките заложби за сочувување на „Света Богородица Перивлепта“ како свето место длабоко впишано во македонската културна и духовна историја.
– Уверена сум дека овој манастирски комплекс од 13 век, кој е збогатен и со галеријата на непроценливите охридски икони од 11 до 19 век, ќе биде исклучителен придонес за промоцијата на нашето културно наследство, кое е еден од главните атрибути за препознатливост на Република Македонија во меѓународен контекст, рече Канческа-Милевска, истакнувајќи дека и во иднина ќе продолжи реализацијата на проекти за зачувување на непроценливото културно наследство на државата, на културниот развој и на туристичката промоција на Република Македонија.
Митрополитот Дебарско-кичевски, владиката Тимотеј, во име на верниците и свештенството се заблагодари за донацијата на американскиот народ за заштитата на црквата „Света Богородица Перивлепта“, за изведените археолошки, архитектонски и конзерваторски зафати и делумно изградбата на помошниот објект.
– Со овој потфат го оставаме храмот на идните наши пооколенија и потврдуваме дека сме народ кој знае да цени, вреднува и заштитува секакво општо културно благо кое припаѓа на македонскиот народ и на севкупната светска културна јавност, рече владиката Тимотеј.
Проектот за конзервација и ревитализација на храмот „Света Богородица Перивлепта“ и придружните објекти во рамки на комплексот се спроведуваше изминатите седум години, со финансиска помош на Амбасадата на САД во висина од 650 илјади долари.
Во комлексниот и сложен процес на презервација беа седумдесетина стручни лица од Завод и Музеј Охрид и од Националниот конзерваторски центар од Скопје, со стручна поддршка од странски експерти предложени од УНЕСКО и Советот на Европа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.