Последните политички случувања, кај нас, беа усмерени да го разнишаат целокупниот државен поредок, владеењето на правото и институционалниот ред на дејствување.
Наизглед, настојувањата беа да се воведе целовита нова парадигма за промена на севкупните конституенти на политичкиот систем и подршката во економските претпоставки но, на вредносниот систем, но и на кадровски промени.
Сепак, многуте облици на дезориентирано усмерени однесувања, гневови на различните групации, останаа без пошироката и теоретски елаборирана платформа за развојните потреби и реформирање на општеството. Бидејќи изостана односот кон клучните прашања ваквото дејствување остана на површината на барањата, придонесувајќи за раздвоеноста на општеството.
Тоа е консеквентна последица со оглед на процесите кои глобално го зафаќаат светот да се изгуби релацијата на поединецот со целокупноста на општеството што се јавува како резултат на комуникацијата на индивидуата сведена на елементарни и еднострани и изместени од својот фокус, информации. Во светски рамки на движењата недостасува односот на поединецот кон клучните негативни општествени моменти какви што се концентрацијата на општественото богатство во мала група на луѓе и моќта што ја имаат преку финансиските институции да влијаат врз функционирањето на политичкиот систем. Не создавајќи ни свест во организираното политичкото дејствувањеда како би се надминала дезориентираноста кај поединците и во населението, нивниот гнев, депресија и загриженост да не ги свртуваат кон споредни социјални прашања и во меѓусебен сукоб.
Претседателот Ѓорѓе Иванов, во обраќањето на 71 Генерално собрание на ООН, исто така, укажа, на нестабилност што се јавува во светски размери, бидејќи светот не може да ги коригира трансформациите, нарушувајќи ја сопствената безбедност. И дека кризните состојби, иако најголемите предизвици остануваат мигрантската криза и тероризмот, го нарушуваат и она што, со векови, е етаблирано: човечките права и слободи и слободата на мислата. Кога поради поделбата на силните и слабите, правото владее само по исклучок. Севкупно, според Иванов, сето говори дека се најдуваме пред фундаментални промени на глобалниот систем и на принципите и вредностите врз кои тој почива и за кои се нужни решенија. Претседателот Ѓорѓе Иванов излезот од кризната состојба на светот го гледа во контрарадикализацијата. Многу индикативно за она што треба и дома да го направиме за да излеземе од кризната состојба.
Ако нашата визија е нашата држава да функционира како демократски систем, тогаш како излез од кризната состојба, вопшто не е формално, туку е суштинско, и прво, барањето државата да функционира според правото и да биде заведен институционалниот ред, базиран врз правниот систем.
Претстојат изборите и се очекува заложбите во програмското пледоае на политичкото дејствување да бидат усмерени кон тоа како деструираниот правен поредок, со последните случувања, да се врати во неговиот уставен ред. А најнастојчивиот ангажман да биде институциите да си ги вратат ингеренциите, и да се извлечат од застојот на дејствување, со што би се потврдило и дека владеењето на правото целосно се остварува. Единствениот пат е нивното ослободување од навлезените политички намеси кои со своите противречности оневозможуваат единствено согласно своите прерогативи, да дејствуваат. А дека е нарушена нивната самостојност и дека се јавува неефикасност во нивното дејствување, нема потреба многу да се докажува. Тоа е нешто што граѓаните најдобро го доживуваат како криза на општеството и какопричина за сопствената несигурност. Оттаму се барањата за јасни назнаки во политичкото дејствување на политичките партии за заштитата на државата.
Пред политичките субјекти стои обврската, во своите платформи, на најрационален и најрадикален начин, да ги елаборираат одговорите за излезот од настанатата ситуација, врз основа на што би настанало, очигледно, обединувањето и политичката кохезија. Надминувањето на состојбата во политичката сфера е вистинската основа и за водењето на економијата, за остварувањето на интеграциите во светските и регионалните сојузи, како и за решавањето на билатералните спорови, особено во однос на грчкото оспорување на нашето име, и што би се очекувало да се изврши врз вредносните и принципиелните аспекти, промовирани во ЕУ и НАТО.
Она што се очекува е и ослободување на политичката и економската мисла. Како и дејствување и ослободување на граѓанските иницијативи, предлози и активности, на мислата на секој поединец, во сите животни сфери, во домот, населбата, регионот, целокупната заедница. Ослободителниот процес во другите сфери на животот сосема помага да функционира и успешна економија.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.