| четврток, 6 декември 2018 |

Без вода селата Бојанчиште и Куманичево – несовесни граѓани ја оштетиле водоводната линија

voda_nema500

Несовесни лица по шести пат направиле штети врз објектите на водоводната линија за кавадаречките села Бојанчиште и Куманичево. Поради тоа, во моментов жителите на овие села се без вода за пиење, информираше денеска Марјан Прескакулев, раководител во Јавното претпријатие „Комуналец“ од Кавадарци.

Тој појасни дека всушност се работи за оштетување на воздушните вентили на водоводната линија, со која водата за пиење се носи дваесетина километри до таму, од планината Кожуф.

– Апелираме до граѓаните да се престане со ваквото несовесно однесување на поединци. Наши екипи веднаш пристапија кон санирање на направените штети на водоводната линија. Интензивно се работи на терен, истакна Прескакулев, кој е раководител на организациската единица за водовод и канализација при претпријатието.

Прескакулев рече дека се очекува во текот на утрешниот ден да се нормализира водоснабдувањето во овие две села.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top