| четврток, 6 декември 2018 |

Александра Мијалкова: Кога би се родила уште еднаш, повторно би била балерина!

Многу сум среќна и задоволна од сработеното досега и кога ќе направам една ретроспектива на мојата работа низ годините, разбирам дека тоа е период исполнет со многу одрекувања, напорна работа и безрезервно вложена енергија, вели Мијалкова

Јубилејот 25 години уметничка дејност на примабалерината Александра Мијалкова ќе се одбележи со поставувањето на балетскиот спектакл „Клеопатра“ на сцената на Македонската опера и балет. Се очекува на сцената да се појават околу 300 уметници од Балетот, Оркестарот и Хорот при МОБ, како и мимичари, циркуски уметници и фолклорни групи… Спектакуларните рачно изработени костуми се дело на Павош Јураш, кој е дел од интернационалната екипа што работи на овој досега невиден балетски настан, кој се создава специјално за Македонската опера и балет. Меѓународниот тим се состои од автори од пет земји: композиторот Нерија Голдберг (Чепајте) од Литванија напиша прекрасна музика, а писателката Јана Темиз од Турција создаде ново либрето, со спектаклот ќе диригира Александр Анисимов од Белорусија, а балетот го поставува петербуршкиот балетски мајстор со светско име – Василиј Медведев, заедно со неговиот незаменлив асистент, кореограф и педагог од Чешка – Станислав Фечо.

Со Александра Мијалкова поразговаравме за почетоците, балетската уметност, упорноста, убавината, но и за тежината на професијата, како и за одбележувањето на јубилејот.

aleksandra-mijalkova-int216-3

Годинава одбележувате еден мошне значаен јубилеј – 25 години уметничка дејност. Кога ќе се навратите на почетоците, колку бргу Ви помина ова време? Беше ли тешко?

Мијалкова: Од денешна гледна точка, тоа е навистина долг период со оглед на тоа дека се работи за многу тешка професија. Ни самата не сум свесна колку брзо поминаа годините. Сепак, можам да кажам дека сум многу среќна и задоволна од сработеното досега и кога ќе направам една ретроспектива на мојата работа низ годините, разбирам дека тоа е период исполнет со многу одрекувања, напорна работа и безрезервно вложена енергија.

 

Да се биде четврт век на сцената воопшто не е лесна работа. Помисливте ли во некој миг да се откажете?

Мијалкова: Да се биде прва балерина е предизвик, меѓутоа и голема одговорност. Таа треба да биде пример за добро однесување, професионалност и искрена посветеност на работата. Едноставно, треба да умее да се носи со сите предизвици. Јас секогаш велам дека патот до врвот е многу полесен отколку тоа ниво да го одржиш до крајот на кариерата доследно како што му доликува на врвен балетски уметник. Во процесот на работа се сретнуваш со навистина тешки моменти во креирањето, во творењето, така што психичката состојба е многу важна, исто колку и физичката подготвеност. Навистина имало моменти кога ми било напорно, меѓутоа никогаш не сум сакала да се откажам. Напротив, кога би се родила уште еднаш, повторно би била балерина. Љубовта кон балетот ми е наследена од мојата мајка и мислам дека природните предиспозиции и талентот за балет ги носам во гените уште од најмала возраст.

 

Со балетскиот спектакл „Клеопатра“ ќе се одбележи ова Ваше празнување… Со кого соработувавте? За каков спектакл станува збор?

Мијалкова: Морам да кажам дека по долго размислување за одбележувањето на мојот јубилеј, одлучив дека треба да работам со екипа која нам ни е веќе позната. Тоа се истакнатиот кореограф Василиј Медведев, еминентен кореограф во светски рамки. Неговите кореографии се изведуваат во „Бољшој“, во Националниот театар на Берлин… и во многу светски културни центри. На балетскиот спектакл „Клеопатра“ Медведев работи заедно со неговиот асистент Станислав Фечо, како и со Павел Јураж, кој се грижи за костимите и за сценографијата. Идејата за насловот на спектаклот беше на кореографот Василиј Медведев, кој сметаше дека токму Клеопатра е улога што ќе одговара на мојот сензибилитет како балерина. Станува збор за голем балетски спектакл или светска премиера бидејќи ретко во кој театар во светот е поставен овој балет, иако е предизвик за многу кореографи. Музиката е на познатата композиторка од Литванија, Нерија Голдберг, која специјално ќе ја создаде за балетот, така што ќе имаме комплетно ново балетско дело, односно праизведба.

aleksandra-mijalkova-int216-2

Дали станува збор за животот на египетската кралица Клеопатра?

Мијалкова: Да, тоа е темата на балетот. Сценариото го напиша Јана Темис и во него централен лик, секако, е Клеопатра и се опишуваат настани од нејзиниот живот. Во претставата мои партнери се Василиј Чичијашвили, кој ја толкува улогата на Цезар, и Бобан Ковачевски, кој ја игра улогата на Марк Антониј.

 

Образованието го стекнавте во Македонија и во Украина. Значи, имате сознанија за начинот на образование и за педагошката работа и кај нас, но и во странство. Дали може да се направи некаква паралела во смисла на тоа дали Вашите помлади колеги можат да се стекнат со соодветно образование без да заминуваат во странство?

Мијалкова: Точно, јас завршив Академија за балет во Киев со цел да научам и да осознаам многу повеќе за мојата професија и мислам дека тоа многу ми користеше во мојата работа и во текот на целата кариера. Но, пред пет години, ние во рамките на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, во склоп на Музичката академија, отворивме Балетска академија, така што младите сега имаат знаење и ќе го пренесат.

 

Во моментов сте примабалерина и носител на многубројни високи награди и признанија… Значи, професионалниот успех сте го потврдиле на повеќе полиња. Што би им порачале на оние што ги следат Вашите стапки?

Мијалкова: Би им порачала да си ја сакаат својата професија бидејќи балетската уметност е една од најубавите професии која овозможува да ја изразиш својата индивидуалност, сензибилитет, креативност и секогаш да се стремиш кон совршенството, бидејќи само на тој начин ќе можеш да напредуваш и да бидеш успешен во кариерата. Успехот е триумф на упорноста.

Разговараше: Невена Поповска
Фото: Але­ксан­дар Ива­нов­ски
(Текст објавен во 216. број на неделникот „Република“, 21.10.2016)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top