| четврток, 6 декември 2018 |

Партијата која ќе освои помалку гласови треба да му честита на победникот и тоа да го прифати како порака од народот

На 11 декември треба да имаме празник на демократијата. Изборите мора да бидат празник на демократијата и јас верувам дека сите ние имаме капацитет да ја реализираме оваа цел, потенцира премиерот Емил Димитриев во вечерашното обраќање на Свечената академија по повод 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба.

Тоа се, рече, тие пет минути во кои граѓанинот зад параванот слободно, фер и демократски треба да им ја испрати пораката на политичарите, да има каже што мисли, што вреднува, да каже кој е одговорен за политичката криза, кој подобро работи, кој повеќе работи, кој е повеќе присутен во вашето место, кој има подобра програма за вас и подобрување на вашиот живот и во кој повеќе верувате и во кого имате доверба.

– Тие пет минути се мал период гледано временски, но тоа е време во кое вие, граѓаните на Република Македонија ќе носите одлуки со кои ќе се оддолжите кон сите предци кои се бореле за суверена Македонија и со кои ќе ја трасирате иднината на вашите деца и внуци. Тоа е важна и одговорна одлука и бидете посветени кон неа. Донесете ја таа одлука мирно и достоинствено како што му доликува на нашиот народ, и одберете ја најдобрата од понудените алтернативи, алтернативата која може да го направи вашиот живот подобар, истакна Димитриев.

Според него, по 11, ќе дојде 12 декември и животот треба да продолжи. Не сме многу за да си дозволуваме луксузирање со поделби, закрвувања и несогласувања. Партијата која ќе освои помалку гласови треба да му честита на победникот и тоа да го прифати како порака од народот. Партијата која ќе победи на изборите треба да има почит за поразениот.

– Реваншизми не смее да има. Поделби не смее да има. Подметнувањата, местенките, деструкцијата и кризата треба да исчезнат и ќе исчезнат. Да стапат на сцена вредностите, соработката, почитувањето, уважувањето, пријателството. Само така сите ние обединети, вмровци и сдсмовци, од дуи и од дпа, социјалисти и либерали, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци, со демонстрација на јасно и цврсто заедништво ќе може да ги оствариме стратешките цели и определби за кои се залагаме и во кои веруваме, рече премиерот.

Хендикепот од кризата, додаде, треба да го претвориме во предност.

– Може да имаме политички разлики и тоа е добро за демократијата, но треба граѓански обединети да работиме за подобро утре на нашата земја. И власта и опозицијата. Гоце Делчев велеше дека треба да ја бараме вербата за успех во себе и во другите. Ако ја имаме да ја разбудиме, ако ја немаме да ја создадеме, предочи Димитриев.

Според него, ако пред кризата можевме да имаме високи стапки на раст може да ги имаме и после кризата, ако пред кризата отворивме десетици илјади нови работни места и по кризата можеме да отвориме дополнителни десетици илјади работни места, ако пред кризата со голем елан започнавме да градиме три нови автопати, и после кризата треба уште најмалку три автопати да почнеме да градиме, ако пред кризата реализиравме над 3.000 проекти и по кризата треба да продолжиме со исто темпо, ист пристап и со исти ефекти, дури и уште повеќе од тоа, поголем број на проекти и повеќе корист за луѓето и по обем и по вредности.

– Верувам дека ние тоа го можеме и тоа на дело ќе го покажеме. Ние, граѓаните на Република Македонија од сите нации и сите вери, од секој пол и од секоја партија, заклучи премиерот Емил Димитриев во обраќањето на Свечената академија по повод 23 Октомври.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top