Барселона продолжува да доминира во супертешката група А од Лигата на шампионите, откако каталонскиот гигант ја забележа и петтата победа во низа, овојпат на домашен терен против Веспрем со резултат 26-23.
Тимот на нашите Кире Лазаров и Борко Ристовски водеше во речиси целиот натпревар и апсолутно заслужено стигна до триумфот. Откако во финишот од полувремето имаше водство од 16-10, Барса на пауза замина со 16-11. Веспрем заигра нешто подобро и успеа да се врати, но при резултат 24-22 унгарскиот гигант не успеа да најде лек за извонредниот Гонзало, па бодовите останаа во Каталонија.
Кире Лазаров со шест гола беше меѓу најефикасните (седум имаше Жалуз), а Македонецот имаше и клучна асистенција при голот на Виктор Томас со кој беа разрешени сите дилеми околу победникот. Борко Ристовски не влезе во игра на оваа средба откако Гонзало Перез де Варгас бранеше одлично и нанижа 17 успешни интервенции.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.