Граѓаните на Република Македонија се носители на суверенитетот на оваа земја и тоа природно и политичко право никој не може и не смее да се обиде да ви го ограничи, да влијае на него или пак да го попречи. На претстојните избори вие одлучувате. Вие и никој друг. Ниту партиите, ниту специјалните органи, ниту институциите. Вие граѓаните сте над сите овие категории.
Ова го истакна премиерот Емил Димитриев во вечерашното обраќање на Свечената академија по повод 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба.
Народот на Македонија, нагласи Димитриев, е слободен, слободоумен, праведлив и правичен, со голема свест и совест и со голема интелигенција и домаќинлак. Оној што ќе се обиде да го потцени, ќе се прелаже и на оној кој ќе го изземе народот од неговата равенка за решавање на прашањата – нема да му испадне математиката.
– Политичките партии постојат за да ви понудат идеи и програми за решавање на реалните проблеми и предизвици. Тие треба да ја презентираат нивната политичка понуда, а вие граѓаните да одберете на кого му ја давате довербата. Борбата на идеите треба да биде во фокусот на политичките збиднувања. Борбата на идеите – а не идеите за борба меѓусебе, потенцира премиерот.
Според него, во однос на претстојните избори, граѓаните имаат многу алтернативи.
– Бевте сведоци на многу збиднувања и сугурен сум дека извлековте поента од се она што се случуваше. Верувајте му на својот разум. Изборот ви е едноставен, треба да одберете помеѓу алтернативите кои ви се нудат од страна на партиите што од своја страна го збогатува демократскиот живот во нашата земја. Партиите ќе ви понудат програми и проекти, ќе ви дадат ветувања и ќе се обидат да ја придобијат вашата поддршка. Ама само вие ќе одлучувате. Затоа размислете за момент или за повеќе, рече Димитриев.
Нагласувајќи дека граѓаните најдобро знаат да оценат, премиерот повика при носењето на одлуките да ја имаат секогаш предвид Македонија.
– Одлуките се носат врз основа на разум, но и врз основа на вашето срце и душа, на вашите чувства и вашиот патриотизам. Размислете, кој може да ви обезбеди подобар живот на вас и на вашето семејств, кој може да обезбеди подобра економија, поголем број работни места, поголеми инвестиции и отворање фабрики, поголем развој, на кого му верувате дека ќе ви го исполни тоа што ќе ви го вети, на кого може да се потрпете. Кој може да има лидерство и кој од понудените кандидати од партиите сакате да ви биде премиер на политичка влада со полн капацитет, личност која може да биде ваш гарант за исполнување на ветувањата, и личност која треба да ги реализира и брани вашите интереси, напомена Димитриев.
Така се одлучува во Европа, така, рече, се одлучува и треба да се одлучува во Македонија.
– Одлуките треба да се носат врз основа на разум и избор на алтернативи, врз основа на политичка понуда и борба на проекти, а не врз основа политички препукувања, политички театар, деструкција, насилство, местенки и подметнувања. Во политиката мора да има вредности кои се почитуваат, затоа што ние одговараме пред народот, подвлече премиерот Емил Димитриев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)
-
Руси масовно дрифтаат во снег, ни полицијата не им може ништо (Видео)