| четврток, 6 декември 2018 |

Денеска поминете на ќебапчиња во Старата скопска чаршија

На неколку локации во Старата скопска чаршија денеска ќе се одржи третата манифестација „Ќебапот-чаршиски бисер на соживот“.

Според организаторите, Македонско-бугарската стопанска комора, Стопанската комора на северо-западна Македонија и Здружението „Еснаф“, манифестацијата има за цел промоција на Чаршијата и на културниот и мултиетнички соживот, преку вкусот на ќебапот, како спој на истокот и западот.

На отворањето предвидено е да се обратат министерот за економија, Дритон Кучи и градоначалникот на општина Чаир, Изет Меџити. Најавено е учество на градоначалници и бизнисмени од Албанија, Бугарија, Косово, Македонија, дипломатскиот кор во Скопје, како и бизнисемни од регионот.

Во рамки на манифестација ќе биде организиран и форум на отворено и дебата за чаршиите како економски, туристички, културолошки центри што го поврзуваат регионот.

Организиран е и уметнички и културен перформанс, сплет од фолклорни и музички ноти, настап на музичкото дуо „Скупи” (Старова-Мехмети), изложба на акдемскиот сликар Решад Амети и креации на стилистот Цури.

Дел од оваа манифестација ќе биде и средбата на градоначалници од регионот (Македонија, Косово, Албанија и Бугарија). 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top