Утре е денот на вљубените. И денот на виното. Некој ги слави двата празника, некој љуби да љуби, некој љуби убаво вино. За оние кои љубат убави колачиња, вистински избор е слаткарницата „К8“ или во превод „Кејт“. Се наоѓа во срцето на Старата скопска чаршија, откако ќе поминете покрај поранешната стоковна куќа „Мост“, па продолжувате горе, по скалите и ги одминувате кафеанчињата каде што се ужива со убаво вино и во амбиентот, продолжувате да се симнувате надолу, да разгледувате. И пред очи ќе ви се појави „К8“ или во превод „Кејт“. Слаткарница, кафетерија, пекарница. Љупопитството ќе ве натера да влезете, а вработените љубезно сѐ ќе ви објаснат што да пробате, ако побарате совет. Ако не сакате, ќе ризикувате, ама во ниту еден момент нема да погрешите. Сѐ е тазе зготвено, испечено, а атмосферата е домашна. Само за уживање. Кафе, чај, колаче и денот може да почне. На подобро, се разбира.
Торта со сирење или чискејк, џем-чварки или слатко желе со вкусна кора од овес, толхаус или лента со парчиња чоколада, потоа браунис или колачиња со чоколада, торта од лимон, рок-стар браунис, пити со боровинки, со тиква, класични американски браунис. Сѐ се ова типични, американски, традиционални колачиња, кои од неодамна се произведуваат и се продаваат во Скопје.
Во неделникот „Република“ имавме разговор со Кетрин Бејкју, Американка, која заедно со нејзиниот сопруг Дејвид се сопственици на „К8“. Ви пренесуваме дел од текстот кој излезе во неделникот.
Слаткарницата не зафаќа голем простор. Напротив, мала е и интимна, има само три-четири масички внатре, но затоа, пак, надвор, на терасата има доволно простор за сите посетители. На катот готви Кетрин Бејкју, Американка, која осум години живее во Македонија. Таа и нејзиниот сопруг Дејвид се сопственици на „К8“, која името го добила по Кејт. Пред неполни четири месеци ја отворија слаткрницата во срцето на Турската чаршија во Скопје. Во Македонија се веќе осум години и засега тука инвестираат, работат и живеат. Дошле на кратко, по препорака на еден пријател, Американец, кој веќе работел во Македонија во компанија за компјутерски софтвер и еве, тука се веќе осум години. И двајцата ги сакаат природните убавини на Македонија, сметаат дека народот е најголемиот бисер што го имаме, го обожаваат пешачењето и планинарењето, но откако ја имаат слаткарницата, имаат помалку време за тоа.
– Идејата за отворањето на „Кејт“ не е нова. Готвењето ми беше професија во САД и долго време се занимавав со тоа. Го обожавам готвењето. Во САД имав искуство со различни ресторани. Еден период работев во пекарница каде што се правеше леб со квасец, потоа работев во еден француски ресторан две години и тоа само со десерти и тоа изгледаше исто како во оние реални шоуа со луди шефови-готвачи. На крај, работев во една семејна пекарница. Од нив ја презедов идејата за ваква пекарница и ја пресликав тука во Скопје – ја почна приказната Кетрин Бејкју.
Од тоа што го научила во САД работејќи во различни ресторани знае дека сака да направи нешто домашно, нешто вкусно, нешто што потсетува на домашна атмосфера.
– Не сакам да направам фабрика, сакам да направам нешто што потсетува на домашна атмосфера. Секоја деловна авантура, без разлика дали тоа го правите во вашата татковина или во странство, каде што сте странец, е прашање на верба. Затоа јас верувам и морам да се надевам на Господ дека ќе успее. Секако дека треба и многу работа, но јас имам верба. А, тоа е најважно – смета Кејт.
И додека гостите уживаат во нејзините специјалитети, таа готви горе, на катот. Иако рецептите се традиционални, американски, таа во нивното подготвување користи македонски продукти. Го обожава македонското овошје, кое го користи во своите пити и колачиња, а не може да им оддолее на дивите јагоди и боровнки, кои ги бере по македонските планини. Како вистински вљубеник во планинарењето и во пешачењето знае во кој период од годината каде растат дивите јагоди и боровинки и каде може да се наберат.
На менито на „К8“, освен стандардните толхаус, лемон пакер, рок-стар браунис, капкејк, гоб има и производи што се прават специјално за празници, како за Божик, Бадник, Денот на благодарноста, потоа пити со јаболка, со боровинки, со тиква, специјални колачиња со ѓумбир…
За местоположбата на „К8“ Кејт вели дека е одлична, речиси совршена.
– Се шетав низ Скопје, разгледував барајќи соодветно место за нашата слаткарница. Сонував, фантазирав за вакво место и многу сум среќна што го најдов. Токму такво го замислував. Мислам дека голема улога играше историската убавина на чаршијата, традицијата што ја носи со себе. Таа е многу посетена од туристи и токму тоа ни беше идејата кога ја отворавме слаткарницата. Стратегиски, многу е блиску до американската амбасада. Мислам дека цените се многу достапни и за Македонците и за Албанците. Но, во исто време е добро да се биде достапен и за странците што ја посетуваат Македонија – вели Кејт.
На отворањето на слаткарницата во Скопје присуствуваше и американскиот амбасадор во Македонија, Пол Волерс.
Таа има многу позитивно искуство досега во работата и од контактите со муштериите што доаѓаат да ја посетат слаткарницата дошла до заклучок дека Македонците сакаат да експериментираат со нови вкусови кога станува збор за храната.
– Сакам да бидам во контакт со муштериите, да се приспособам на нивните желби. Секогаш кога имам шанса разговарам со нив. Сакам да знам дали им се допаѓаат нашите производи, дали имаат некаква критика, дали сакаат да пробаат нешто ново, нешто што го немаме во понудата. Често правиме и промотивни производи, на неделна основа, па го следиме вкусот, тоа што им се допаѓа на муштериите го задржуваме на менито – додава Бејкју.
Кетрин и Дејвид Бејкју првпат дошле во Македонија пред осум години. Еден пријател, Американец, веќе имал компанија за софтвер тука, во Македонија, и ги поканил да го истражат пазарот. Дошле од љубопитство и еве, останале тука веќе осум години. Дејвид сѐ уште работи во компанијата за софтвер, но полека го намалува работното време со цел да ѝ помогне на Кетрин во слаткарницата. Одушевени се од Македонија, посебно од народот и од природните убавини.
Александра Мазнева – Бундалевска
Фото: Игор Ангеловски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.