Во новиот број на „Репер“, кој ќе биде објавен утре (сабота, 6 април), првиот македонски електронски неделник за култура ќе почне кампања за поддршка на македонските занаетчии, актуализирање и популаризација на мноштво стари занаети кои се клучни за традицијата на македонсиот еснаф.
Занаетите не се само професионална определба, туку и животна определба за посветување на креативноста која претставува традиција на едно културно поднебје.
Со оваа кампања, „Репер“ ќе направи обид да ги промовира македонските занаети и пред помладите генерации, кои во 21 век, за жал, многу малку се запознаени со смислата и со вредностите на голем број занаети кои се стожерни за македонскиот еснаф и притоа да укаже на креативноста која македонскиот занаетчија ја поседува и денес, кога за многумина занаетот веќе не е професија, туку само хоби.
Кампањата, која ќе почне во третиот број на „Репер“, ќе се одвива преку објавување текстови кои не само што ќе ги претставуваат занаетите кои и денес може да се сретнат во македонските чаршии, туку ќе ги претставуваат и ставовите на занаетчиите кои работат во Старата скопска чаршија, како и нивните животни приказни.
Во третиот број на неделникот ќе биде објавен текст посветен на филигранството, во кој ќе бидат претставени ставовите и животните приказни, како и делата на неколку филигранџии кои денес работат во Старата скопска чаршија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.