| четврток, 6 декември 2018 |

Звонко Шундовски напредува, се здоби со мастер тренерска лиценца од ЕХФ

zvonko-sundovski

Поранешниот македонски селектор и актуелен тренер на ЧСМ Букурешт, Звонко Шундовски, се стекна со највисоката европска категорија – мастер тренер. На вториот регионален семинар во Крагуевац, во организација на Европската ракометна федерација (ЕХФ) што се одржа во јуни, Шундовски ја бранеше темата „Одбрана 5-1 во ракометот и можностите за нејзина трансформација“.

ЕХФ ја објави листата на нови тренери што се здобија со лиценца „мастер коуч“ на последните семинари во Португалија/Шпанија, Германија и во Србија.

Покрај Шундовски, на семинарот во Крагуевац, мастер тренерска лиценца доби и тренерот на Пелистер, Касим Каменица.

Со ваква мастер тренерска лиценца досега се имаат стекнато и Стевче Алушовски, Данило Брестовац, Ивица Обрван и Зоран Кастратовиќ. А, Лино Червар во јануари годинава од ЕХФ доби почесна мастер лиценца.

ЕХФ веќе неколку години организира семинари како дел од РИНГ конвенцијата за едукација на тренери и одбрана на тези за стекнување со највисоката европска тренерска лиценца.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top