| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија станува сила во таеквондо на Балканот

55

Таеквондото последните неколку години станува се попопуларен спорт и привлекува се повеќе заинтересирани и во нашата земја. Како возбудлив и интересен спорт кој во светски рамки ужива голема почит и во кој домашните претставници бележат се повеќе успеси на меѓународните турнири, „Република“ разговараше со првиот човек на Македонската таеквондо федерација, Борче Костовски, за сегашната состојба во која се наоѓа таеквондото и за иднината на овој спорт во Македонија.

1.Од каде потекнува таеквондото како вештина и кажете ни нешто повеќе за неговата историја и корени?

Костовски: Корените на оваа, пред сѐ, борачка вештина потекнуваат од Кореја, а според некои артефакти оваа техника првпат се забележува во периодот пред нашата ера. Низ историјата била позната и под други имиња, како тек јон, субак, хваранг сѐ до1965 година кога го добива името таеквондо, што во слободен превод значи удар со рака и со нога и изведување техники во скок.
Во моментов важи за еден од најпопуларните борачки спортови на планетата со регистрирани над сто милиони вежбачи.

2. Дали луѓето што сакаат да се занимаваат со таеквондо треба да поседуваат некои посебни предиспозиции и каков е досегашниот интерес во Македонија?

Костовски: Со таеквондо, а и со борачки спорт воопшто, може да се занимава буквално секој. Тоа е предноста на овој вид спортови. Во Македонија во моментов има регистрирано 550 активни вежбачи кои се соединети во 12 клуба, кои се членови на Македонската таеквондо федерација, со тенденција оваа бројка да расте.

33

3.Кажете ни нешто повеќе за неопходната опрема во таеквондото и дали е скап спорт?

Костовски: Таеквондо не е скап спорт. Има специфична опрема, секако тоа е лепеза на неопходни направи за тренирање. Сепак, ова е олимписки спорт, бара многу од спортистот и има свои специфичности.

4. Кога може да се каже дека се направени првите чекори на овој спорт во Македонија?

Костовски: Првите чекори на таеквондото во Македонија се направени некаде при крајот на седумдесеттите години од минатиот век кога еден тим од Хрватска првпат демонстрира таеквондо во Македонија. Демонстрацијата предизвикала одлична реакција кај гледачите кои до тогаш не виделе ништо слично.
Подоцна, на почетокот на 90-тите години на минатиот век, Ацо Анастасов воспоставува основи на овој борачки спорт во Македонија, за кратко потоа помладите генерации да направат голем чекор напред и да го достигнат моменталното одлично ниво.

5. Како комбинација од борбена техника, самоодбрана, спорт, а во некои случаи и вежба за медитација, која е придобивката од таеквондото?

Костовски: Пред сѐ, имаме придобивка за нашето физичко здравје, а со тоа и ментално здравје, кое во денешното брзо време ни дава можност да бидеме поспокојни. Таеквондо е многу динамична вештина, има перфектен кардиоефект .
Таеквондото е олимписки спорт со целосна контактна борба, која е со систем на нокаут и тоа ја прави особено атрактивна и за гледање.

11

6. Со зголемениот интерес за таеквондо во Македонија, сѐ повеќе млади се одлучуваат да се запишат и да се запознаат со овој спорт. На која возраст се најмладите кои тренираат таеквондо во Македонија и во кои возрасни категории има најмногу луѓе што тренираат?

Костовски: Најдобар период за почеток е 6 години, но никогаш не е доцна за да се почне. Во Македонија има буквално во секоја старосна категорија вежбачи, особено деца.

7. Таеквондото е олимписки спорт. Можеме ли за четири години да се надеваме дека на Олимписките игри во Токио некој наш претставник ќе се закити со олимписки медал?

Костовски: Од последното Балканско првенство, кое се одржа во Бугарија, Македонија се врати со 4 балкански шампиони, а тоа ни дава право слободно да кажеме дека стануваме сила на Балканот. Минатата натпреварувачка година донесовме 250 меѓународни медали, а нашиот најдобар репрезентативец и актуелен балкански шампион, Дејан Георгиевски, освои 12 златни медали на меѓународните турнири.
На 15 ноември Дејан Георгиевски, Филип Додевски и Иван Крстевски, благодарение на Агенцијата за млади и спорт, заминуваат на Светско првенство за јуниори во Канада, каде што се надеваме на медали.
На последното Европско првенство за сениори нашата репрезентативка Петра Мтијашевиќ освои бронзен медал, што е еден од најголемите спортски успеси во земјава воопшто.
Сето тоа ни дава право да се надеваме на олимписка норма за Токио, а се надеваме дека ќе направиме добра стратегија со Агенцијата за млади и спорт и со Македонскиот олимписки комитет со која ќе целиме на стабилни норми.

22

8. Македонската таеквондо федерација втора година по ред го реализира проектот „Таеквондо за секого“ во соработка со Агенцијата за млади и спорт. Кои се целта и придобивката од овој проект, како поточно се реализира и дали преку него досега имате забележано млади таленти во овој спорт?

Костовски: Основната цел на овој проект е да повлечеме што повеќе млади да вежбаат таеквондо. Одиме во основни училишта и го презентираме таеквондото во прво лице, а младите најчесто се воодушевуваат од вештините. Две години веќе го реализираме „Таеквондо за секого“ и ќе продолжиме и во иднина. Праќаме апел тоа да го прават и другите федерации бидејќи Македонија е расадник на спортски таленти, особено борачки.

(Текстот е објавен во 216 број на неделникот „Република“, што излезе од печат на 21.10.2016 година)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top