Четворица кандидати се во игра за наследници на лидерот на СДСМ. На конгресот во јуни ќе се одлучува дали Зоран Заев, Зоран Јовановски, Игор Ивановски или Кире Наумов ќе го заменат Бранко Црвенковски. Со различни програми за напредок и промени на СДСМ, кандидатите ќе бараат доверба од делегатите. Минатото на сите четворица кандидати покажува дека потенцијалните наследници на лидерот се негови блиски луѓе. Токму за некои работи од минатото, се зборува дека Црвенковски сите четворица “ги држи во раце“. Лидерот на СДСМ располага со информации кои доколку излезат во очите на јавноста ќе предизвикаат директна штета врз угледот и кариерата на овие политичари. Можно е дури информациите со кои Црвенковски располага да бидат доволни за некој од овие политичари да биде покрената и судска постапка – стои во анализата на Курир.
Со оглед на овие факти, се отвора простор за сомнеж дека оваа предност на Црвенковски може да биде искористена и за негови внатрепартиски цели. При една ваква подреденост на работите, кој и да биде следен претседател на СДСМ, ќе биде условуван и под влијание на актуелниот социјалдемократски лидер.
Примерот со струмичкиот градоначалник Зоран Заев е најдобар за ваквите случувања во СДСМ. Црвенковски лично го аболираше Заев за случајот Глобал, каде тој се товареше за криминал тежок 8 милиони евра. Овој кандидат за претседател на СДСМ, тогаш заедно со 5 негови соработници, беа обвинети за злоупотреба на службените положби и овластувања, како и проневера на оваа огромна сума на пари.
Црвенковски тогаш во функција на претседател на државата не даде можност да се разреши овој криминален случај, па го аболицираше Заев.
Од тогаш, практично, Црвенковски ја држи во раце кариерата на овој политичар и истата како адут досега ја има веќе искористено. Јавноста знае дека на седницата на Централниот одбор на СДСМ на која се одлучуваше за бојкотот на локалните избори, Заев покажувал знаци на отпор, но по добиената “лекција“ од Црвенковски, во која бил спомнат и случајот со Глобал, Заев мирно ја прими одлуката на неговиот лидер. Но овој криминал не е единствениот пред кој Заев мора да молчи на Бихачќа. Во игра се и пар други зделки кои биле правени од општина Струмица и за кои раководството на СДСМ било информирано. Сите тие сега можат да се употребат лично од Црвенковски.
По овие факти станува јасно дека Црвенковски „го држи во раце“ Зоран Заев и дека негов избор за претседател на СДСМ би било продолжено управување на Црвенковски со партијата.
Делегатите на Црвенковски ќе му изберат заменик по мерка, а тој како лидер во сенка повторно ќе ги носи главните одлуки, одлуки кои на партијата 7 години по ред не можат да и донесат ниту една изборна победа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


