| четврток, 6 декември 2018 |

Обвиненија, вулгарност, навреди: Хилари, ти си одвратна – Трамп, ти си марионета на Путин

Хилари Клинтон и Доналд Трамп вчера ја завршиле серијата дебати пред претседателските избори во САД, со сериозна размена на обвиненија, а изостанокот на ракување на двајцата главни ривали и одбивањето на републиканскиот кандидат да одговори на прашањето дали ќе ги прифати резултатите од изборите, ја обележале нивната последна дебата.

Кандидатката на демократите на претседателските избори во САД, Хилари Клинтон, им оставила подобар впечаток на гледачите во текот на третата и последна дебата со републиканскиот кандидат Доналд Трамп, одржана вчера во Лас Вегас, покажале анкетите.

Според најновата нерепрезентативна анкета на „Cи-Ен-Ен“, Клинтон освоила 52 проценти од гласовите, а Трамп само 39 проценти.

Според наводите на „Би-Би-Си“, кандидатите не се ракувале ни пред ни по „политичкиот спаринг“, што влијаело на понатамошниот тек на дебатата, која ја обележале високи тонови и влегување во збор.

Трамп, одговарајќи на прашањето на модераторот Крис Волос, дали ќе ги признае резултатите од изборите, одговорил: „Ќе ви кажам кога ќе дојде време”. Тој тоа го изјавил четири дена по изјавата дека верува дека изборите ќе бидат наместени, пренесува британското радио.

Својата ривалка, Трамп ја нарекол одвратна жена.

Во текот на дебатата се провлекувала и сенката на Владимир Путин. Клинтон кажала дека Путин сака Трамп да биде избран бидејќи сака марионета за американски претседател.

„Ти си марионета”, возвратил Трамп истакнувајќи дека Путин ја „надмудрил” и „надиграл” поранешната државна секретарка.

Трамп и Клинтон ги спротивставиле ставовите и околу внатреполитичките прашања, како што е абортусот и правото на носење оружје, а посебно била остра дебатата околу илегалните мигранти и планот да се крене ѕид на мексиканската граница.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top