| четврток, 6 декември 2018 |

Настап во Израел: Со бурен аплауз поздравен Битолски театар кој настапи со „Отело“

Со бурен аплауз синоќа во Ако, Израел, беше поздравена изведбата на претставата „Отело“ на Народниот театар Битола во режија на Словенецот Диего де Бреа,  соопшти Министерството за култура кое го поддржа ова меѓународно гостување.

– Ова беше второ претставување на Битолскиот театар на Меѓународниот театарски фестивал за алтернативен театар „АCCО“, на кој учествуваат уметници од целиот свет, по минатогодишниот успех на претставата „Среќен крај“ во режија на Благој Мицевски. Театарските познавачи не го криеја одушевувањето од интензивната режија, современата актерска игра и специфичната претстава како полн погодок за театарската публика, информира Министерството за култура.

133388156

Претставата „Отело“ веќе втора година е на репертоарот на Народниот театар во Битола и синоќа ја имаше својата 30-та изведба, но и понатаму го привлекува вниманието на театарските селектори во регионот и пошироко.

Со битолскиот театар Диего де Бреа ја постави и претставата „Злосторство и казна“ годинава и токму поради специфичниот театарски јазик, кој ги надминува јазичните бариери, предизвикува огромно внимание и, најверојатно, ќе го претставува овој театар на светските сцени.

– Театарот од Битола во последните години со поканите што ги добива од значајни театарски фестивали и светски културни центри е голем промотор на македонската театарска естетика на светските сцени. Идниот месец Битолскиот театар со поддршка на Министерството за култура, ќе реализира гостување и во Соединетите Американски Држави, наведува Министерството за култура

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top