| четврток, 6 декември 2018 |

Парламентот го прогласи Израел за национална држава на еврејскиот народ

Израелскиот Парламент изгласа Закон со кој државата ја прогласи за национален дом на еврејскиот народ. Се работи за главно симболична декларација, која сепак предизвика жестоки расправии и реакции од левичарската опозиција и пратениците од арапската заедница.
Законот беше изгласан со 62 гласа „за“ и 55 „против“. Со него, Израел се означува како демократска држава заснована врз еврејските вредности и е израз на правото на Евреите за национално самоопределување, со Ерусалим како главен град, со еврејскиот календар како официјален календар и со празнување на традиционалните еврејски празници. За арапскиот јазик, досегашната формулација дека е во службена употреба е избришана и заменета со изразот „специјална употреба“, но се наведува и дека нема да биде намалено досегашното ниво на користење на арапскиот јазик.

– Со овој закон се утврдуваат основните принципи на нашето постоење. Израел е национална држава на еврејскиот народ, која ги почитува индивидуалните права на сите свои граѓани. Тоа е нашата држава, нашата нација, јазик и знаме, изјави премиерот Бенџамин Нетанјаху.

Претседателот Реувен Ривлин го критикуваше донесувањето на Законот, предупредувајќи дека тој може да доведе до дискриминација врз не-еврејските жители на земјата, а најсилните критики дојдоа од арапските пратеници во Парламентот.

– Јас сум вџашен од убивањето на нашата демократија. Ова е нејзиниот погреб, изјави пратеникот Ахмад Тиби, додека пратеникот Џамал Захалка театрално го скина текстот на предлог-законот на собраниската говорница.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top