Директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков ја обвини специјалната обвинителка Катица Јанева дека во текот на вчерашниот ден правела конструкции со кои ги довела во ризик работата на УБК и безбедноста на граѓаните. Чавков воедно и наведе три причини зошто бил присутен во Управата за безбедност и контраразузнавање во моментот додека СЈО се обидувало да добие одредени информации во врска со нивната истрага.
-Прв пат во мојата професионална кариера се среќавам со ситуација да министер за внатрешни работи формира комисија за да се спроведе примена на посебни истражни мерки, односно за влез во компјутерски систем. Тоа е работа на правосудна полиција. Со тоа покажуваат елементарно непознавање на Законот за кривична постапка. Мојата грижа беше тоа што дел од таа комисија се припадници на БЈБ за кои јас немав никакви информации дека се ангажирани. Моја должност е да се борам за професионалните принципи и да посочам дека овие колеги не треба да бидат злоупотребени односно да не бидат доведени во ситуација да го прекршат законот. Втората причина е дека добив информација за распоредување на неколку припадници на единицата Алфи во околината на министерството за внатрешни работи, а некаде во 14.30 часот и влегле во МВР, односно се поставиле пред УБК. Тоа се истите луѓе кои од разни објективни причини биле отстранети на времето од единица Алфи, а сега Оливер Спасовски ги врати. Имало и расправии пред нивното ангажирање бидејќи имало инсистирање од нивниот командант да дојдат и со автоматски пушки. Граѓаните на Македонија мора да ја знаат вистината и да знаат со што се соочуваме во текот на целиот ден. Третата причина поради која јас се појавив тука е мојата загриженост поради актуелните посебни истражни мерки кои се спроведуваат. Наредбата од судот се однесува од 2008 година до 31.12.2015 година. Во тој период влегуваат и актуелни посебни истражни мерки кои се спроведуваат во различни области на криминал, организиран криминал, тероризам итн.Моја професионална обврска беше да посочам на тој факт дека има огромни ризици и за системот, ако нестручно се манипулира од една страна, а од друга страна не треба да бидат опфатени овие посебни истражни мерки кои се актуелни до ден денес и кои се уште се водат. Тие се причините поради кои директорот на БЈБ се појави во УБК и одговорно тврдам дека моја професионална обврска е да се појавам тука и да ја информирам македонската јавност за конструкциите кои денеска се правеа од страна на Катица Јанева, изјави Чавков доцна синоќа.
Чавков ги негираше тврдењата на Јанева дека нејзините луѓе биле опструирани при вршењето на работата.
-Навистина сакаат да создадат перцепција дека некој во УБК ги опструира, а од системот самите сфатија дека не може да ги извадат податоците, односно да направат експорт на податоци. Тој систем не е сопственост на МВР, на УБК, сопственост е на операторот и само овластено лице од него може да пристапи до тој систем. Се уверија во тоа и испратиле писмо до операторот за да добие овластување нивниот претставник во Македонија, истакна Чавков.
Во однос на неовластеното присуство на Алфите, Чавков рече дека во текот на утрешниот ден ќе се спроведе проверка и истрага.
-Јас разговарав денеска со началникот на СВР Скопје, тој не знаеше дека се ангажирани Алфите и не знаеше дека Алфите се присутни во кругот на МВР и се стционирани пред УБК. Тој беше изненаден и псоле моето јавување ги повлече луѓето, рече Чавков.
Директорот на БЈБ рече дека активирањето на Алфите секако е противзаконски и тоа ќе се докаже во текот на утрешниот ден, бидејќи треба да се види кој ги ангажирал, за која задача ги ангажирал и според кој критериум се определени токму овие луѓе да бидат ангажирани.
-СЈО самите сфатија дека дошле неподготвени во текот на денешниот ден и од тие причини самите поднесоа барање некаде околу 20 часот до операторот, односно до „Ериксон“, за да дадат „Ериксон“ овластување на нивниот претставник во Македонија да оствари пристап до системот кој пак ќе повторам, не е во сопственост на УБК, значи не е сопственост на МВР, е во сопственост и администрирање на операторот. Така да УБК или МВР немаат никаква улога во тој дел. Доколку тие обезбедат експерт, стручно лице кое што ќе може да ги зивлече сите тие податоци и пак ќе повторам не „имиџи“, зошто Катица Јанева употребува термини кои што не и се познати, туку експорт на сите тие податоци кои што ги бараат, едноставно можноста ја имаат ако сега успеат да ги извадат, сега да ги извадат, но видоа дека не се подготвени и не е тоа едноставно да се реализира, заклучи Чавков.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.