| четврток, 6 декември 2018 |

На овој начин килограмите најлесно се губат без диети и без вежбање

stomak

Не станува збор за некој чудесен пијалок, туку за едноставна биологија на нашето тело и трик кој го потврдија и научниците.

Ако се обидувате да симнете само неколку килограми вишок и никако не можете да се натерате на диета или посебен режим на вежбање, пристигнуваат добри вести од научните кругови. Имено, според едно ново истражување спроведено на Универзитетот Вагенинген во Холандија, улогата на водата во организмот е клучна за слабеењето и таа има големо влијание врз нашето чувство на глад.

Во студијата научниците ги поделиле испитаниците во две групи на кои им давале идентични оброци, со тоа што на првата група веднаш по оброкот им давале да испијат половина литар вода, додека другите не добивале ништо. Потоа, со магнетна резонанца им го набљудувале мозокот на испитаниците за да го утврдат влијанието на течноста на желудникот и мозокот.

Тие откриле дека кај испитаниците кои пиеле вода веднаш по оброкот, чувството на глад потоа било значително помало, но било забележано дека имаат и поголеми мозочни активности. За неколку дена, таа група почесто оставала и храна на чинијата со објаснување дека веќе се сити, па ненамерно почнале да внесуваат и помалку калории.

Пиење вода пред или по оброците

И претходните студии го анализирале влијанието на водата врз чувството на глад, па така во една британска студија од 2015 година, луѓето кои околу половина час пред секој оброк пиеле по 4 децилитри до половина литар вода во период од 3 месеци, во просек симнале околу 2.3 килограми без да менуваат нешто во самата исхрана или без да ја зголемуваат физичката активност.

За научниците да го следат нивото на вода кое го конзумирале испитаниците, ја анализирале нивната урина и утврдиле уште една работа – дека оние кои се помалку дехидрирани имаат и помало чувство на глад во текот на денот.

Објаснувањето е едноставно – водата ни помага да се наполни желудникот, но е и еднакво основна потреба како храната. Проблемот е во тоа што не пијат сите доволно вода, па недостатокот на течност го надополнуваат низ храната, соковите и слични работи, без идеја дека всушност жедта ја замениле со глад. Ако сакате да ослабете малку испробајте го трикот со пиење околу половина литар вода пред секој оброк, бидејќи со тоа не можете да му наштетите на здравјето, а резултатите се одлични, советуваат нутриционистите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top