Што треба да стори лекарот, а што пациентот? Дали се прават хемокултури од страна на докторите, колку граѓаните се запознаени со тоа, што треба да знаат за антибиограмот и колку е важен тој во целата постапка? Пациентите имаат страв од одредени симптоми, кои не се ни болести, а тоа е болката во грло, кашлицата, настинката, и бараат антибиотик штом ќе посетат лекар. Докторите што се преоптоварени со секојдневните обврски и со голем број пациенти многу полесно се одлучуваат да препишат антибиотик. И тоа е тој затворен круг, вели д-р Катерина Ставриќ од Центарот за семејна медицина при Медицинскиот факултет во Скопје во интервју за „Република“.
–Докторите поставуваат дијагноза врз основа на прегледот на пациентот. Во наши услови, релативно ретко се користат дополнителни дијагностички тестови затоа што, освен крвна слика и микробиолошки испитувања, другите испитувања не ги покрива Фондот за здравство. Резултатите од микробиолошките испитувања се чекаат два-три дена, така што тоа не им помага многу на лекарите во донесувањето на одлуките дали станува збор за вирусно или за бактериско заболување. Постојат други тестови и се наметнува потребата тие да бидат на товар на Фондот за здравствено осигурување. Тие се брзи и може да му помогнат на докторот во дијагнозата. Што би им препорачала на пациентите? Докторот што не препишува антибиотик е добар доктор! Верувајте му! Не барајте антибиотик! Тој најсовесно и најпрофесионално постапува. Често и пациентите ако еден доктор не им препише антибиотик, одат кај друг кој ќе го стори тоа. Последните години некако се наруши довербата меѓу лекарите и пациентите, па треба да ја вратиме. Но, мора да се врати довербата и меѓу докторите и другите специјалисти. Затоа што ако не се даде антибиотик, а се случи компликација, тоа не е грешка на докторот. Превентивното давање антибиотик не значи дека ќе превенира појава на компликации. Компликацијата ќе се случи и со антибиотик и без него. Поголеми се несаканите ефекти од злоупотребата на антибиотиците.
Целото интервју со д-р Ставриќ можете да го прочитате на овој ЛИНК
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.