По три неделна пауза денеска и утре продолжува фудбалската Лига на шампиони. Вечерва најмногу внимание привлекуваат дуелите Лион-Јувентус, Реал-Легија и Спортинг-Борусија Дортмунд. Вечерва Кристијано Роналдо има можност да го постигне својот 100. гол во европските натпреварувања.
Дуелот со Јувентус е веројатно клучниот за Лион за пласман на едно од првите две места во Х групата. Лион, во првото коло го совлада Динамо, а во второто загуби од Севилја. Францускиот тим се наоѓа во лоша форма, во домашното првенство е на осмото место, а изминатиот викенд загуби од лидерот Ница.
Во вториот натпревар од групата Динамо во Загреб ќе ја пречека Севилја. Хрватскиот шампион нема освоено ниту бод во првите две кола, додека Севилја со четири бода го дели првото место на табелата заедно со Јувентус.
Реал, во Ф групата, ќе ја пречека Легија Варшава. Реал брка победа со која речиси ќе обезбеди пласман во нокаут фазата, а секој друг исход на „Сантијаго Бернабеу“ ќе биде рамен на сензација.
Спортинг и Борусија Дортмунд ќе играат во Лисабон, во дербито на оваа група. Борусија, слично како и Реал со победа рапидно ќе ги зголеми шансите за пласман на едно од првите две места во групата.
Спортинг е во добра форма, на последните четири натпревари нема пораз (три победи), додека Борусија по одличната серија и петте победи во кои постигнуваше најмалку три гола, во последните три натпревари не знае за победа.
Лидер во Е групата е Монако, тимот од кнежевството ќе гостува во Москва кај ЦСКА, додека Баер Леверкузен ќе го пречека Тотенхем.
Англискиот шампион Лестер, во деби сезоната во Лигата на шампионите, стартуваше со две победи, а во третото коло ќе го пречека Копенхаген, кој со четири бода е втор во групата.
Брижи и Порто ќе го одиграат вториот меч во оваа Г група.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.