Записници, извештаи, службени белешки, информации, своерачни изјави, карактеристики, решенија… содржат досиејата на 11 Македонци, неистомисленици по линија на Советскиот Сојуз (информбировци), кои завршиле на Голи Оток, во Хрватска, поради нивното поинакво размислување од тогашната власт и поради нивното инсистирање да не се заборави на Македонците од Пиринска Македонија и од Егејска Македонија. Голготите на Александар Алексијев, Богдан Божиновски, Богоја Фотев, Живко Брашнаров, Душан Михајловски, Ѓорѓи Жежов, Ристо Јанакиевски, Јонче Фотев, Јордан Лазревски, Крсто Битовски и Лазо Соколов се опишани на 1036 страници во вториот том од едицијата „Црните страници на УДБА“, насловен како „Информбиро“, каде што преку документи и сведоштва е претставен периодот во кој е потиснувана каква било мисла што е ненаклонета на номенклатурата на власт, но и начинот на кој биле третирани овие луѓе. Во многу документи, се забележува желбата да се афирмира македонското прашање во целост, но и да се поведе сметка за политиката на Југославија кон овие соседни земји.
Во анализата направена во досието на Лазо Соколов од страна да државните служби, како едно од лицата што биле неистомисленици по линија на Советскиот Сојуз, тој е опишан на следниов начин:
„Лазо Соколов при изведувањето на непријателската дејност бил бојкотиран. Набргу по прекинот на бојкотот се активирал и поради покажаните резултати бил фален пред Центарот. Член на павилјонскиот актив станал во октомври 1950 година. Во јануари 1951 година, пак, се зачленил во одборот за агитација и за пропаганда во павилјонот. Во јули истата година е пратен на работа во Бреза, каде што, покрај физичката работа, работел и како член на одборот на павилјонот, а извесно време бил и референт. Долго време го менувал референтот и работел во теоретскиот сектор. Во октомври 1952 година станал член на одборот на Центарот – го раководел теоретскиот сектор.
Од доаѓањето на работното место, ја задржал линијата на постојани активности на сите сектори од работењето. Особени резултати покажал на полето на агитацијата и на пропагандата каде што со својата работа придонел за темелно разјаснување на актуелните политички прашања и успевал целата работа да ја подигне на поголемо квалитативно ниво. Во политичкиот живот на колективот учествувал како еден од тие на кои во секој случај можело да се потпрат. Отворено и без резерва го изнесува своето мислење, во случаи кога треба да ја покаже својата одлучност за несогласувањата кон непријателот, се држи одмерено и правилно“.
Крсто Битовски, професор на Институтот по историја отворено го напаѓал државното раководство дека не води правилна политика во спорот со Пиринска Македонија и со Егејска Македонија, се залагал за подобар животен стандард во Југославија, односно ја напаѓал власта дека не води сметка за населението, води политика по диктат на западните сили и неправилно политички се поставува кон СССР. Доволно е да се погледнат досиејата за да се сфати дека ваквиот глас воопшто не ѝ одговарал на власта во Југославија, поради што најголем број од лицата за кои се воделе досиеја биле цел на прогон, ликвидација или завршувале в затвор.
Фотев Благој бил обвинет за нарушување на јавниот ред мир и бил следен затоа што водел разговори со лица што ѝ штетат на политиката на државата, а со своите ставови влијаел на размислувања дека постои бирократизам.
Уште едно досие, кое покажува дека државната безбедност се претворила во политички механизам што го контролира секој чекор на општеството. Тајната полиција, буквално, дишела во домот на секој поединец, а слободните ставови и мислења, залагања за правата на Македонците, се сметале за најголем непријател на власта.
Државната безбедност си дозволува слободното контролирање на телефонот на лицето Јанакиевски Ристо, адвокат, каде што, според досието, јасно се гледа дека му се прислушувани двата телефонски броја. Мерката е наложено да се применува сѐ додека има потреба за нејзино користење. Ова покажува дека Службата за државна безбедност применувала узурпирање на уставните и на законските права на граѓаните.
Како што е познато, затворот на Голи Оток е отворен токму поради информбировците. Подоцна, досиејата на затворените на Голи Оток се распределени по републиките, но во Македонија никогаш не стигнале. Се поставува прашањето, зошто не дошле и ако се уништени, кој ги уништил?
Текстот е објавен во 215 број на неделникот „Република“, 14 октомври 2016 година
Во соработка со Државен архив на Република Македонија
Стручен консултант: Д-р Филип Петровски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.