| четврток, 6 декември 2018 |

Фестивалот на книжевни ѕвезди „Букстар“ – во знакот на жените

Годинашното издание на фестивалот, всушност ќе биде уметнички изблик во целост. Свое место во програмата, покрај книжевните промоции, заземаат и десетина концерти и настапи на познати бендови, но и друг вид млади уметници, сценски перформанси, дебати, креативни детски работилници, филмски проекции, иако фокусот останува на книжевноста, како на европската така и на македонската

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје го најавува второто издание на Фестивалот на европската литература „Книжевни ѕвезди“ (BookStar), кој ќе се одржи од 24 октомври до 11 ноември 2016 година.

Под слоганот „Симни ми ѕвезда“, фестивалот оваа година е во знакот на жените. Пред домашната публика ќе бидат претставени четири исклучителни писателки од Европа, една македонска писателка од новиот бран, антологија на современите македонски поетеси, антологија на најубавите песни од европски авторки, а книжевната трибина, исто така, е посветена на оваа тема.

Годинашното издание на фестивалот, всушност ќе биде уметнички изблик во целост. Свое место во  програмата, покрај книжевните промоции, заземаат и десетина концерти и настапи на познати бендови, но и друг вид млади уметници, сценски перформанси, дебати, креативни детски работилници, филмски проекции, иако фокусот останува на книжевноста, како на европската така и на македонската.

И оваа година организаторите на фестивалот ќе се обидат да ги доближат домашните и странски ѕвездени имиња до публиката и на тој начин да ги исполнат желбите на читателите „гладни“ за квалитетна литература и на најубав начин да ја продлабочат соработката и двонасочната културна размена меѓу Македонија и Европа – преку литературата.

– Мотото „Симни ми ѕвезда“ ја прикажува литературата како нешто најдлабоко и облагородувачко во нашите животи. Ѕвездите се симбол на копнежот по љубовта и по возвишеното. „Симнувањето ѕвезди“ е човечки обид да се спојат земското и вонземското, телесното и духовното, и во буквална и во метафорична смисла – велат организаторите. Фестивалскиот слоган е инспириран од хаику поезијата на македонскиот поет Никола Маџиров.

unnamed

Програмата на фестивалот, распоредена во три недели, е симбиоза на настани за сечиј вкус.

Во фокусот на фестивалот и оваа година ќе бидат гостувањата на авторите и промоциите на нивните дела.

„Букстар“ ќе биде отворен на 24 октомври, со почеток од 20 часот, во „Јавна соба“, со промоцијата на романот „Холандска девица“ од холандската писателка Маренте де Мор, добитничка на престижната Награда за литература на Европската Унија. Преводот на романот го направи Ели Пујовска, а ќе го промовира Александар Прокопиев.

Бестселерот „Убиство во хотел Босфор“ од турско-германската писателка Есмахан Ајкол ќе биде промовиран на 31 октомври. Преведувач на ова дело, кое ќе го промовира Владимир Мартиновски, е Тулај Сефула.

На 2 октомври, ќе бидат промовирани биографските приказни „Обвинета: Вјера Гран“ и „Свршеничката на Бруно Шулц“ од полската писателка од еврејско потекло Агата Тушињска. Промоторка на двете дела, во превод на Милица Миркуловска, ќе биде Соња Стојменска-Елзесер.

Романот „Елиза на единаесет години“ од романската писателка Дојна Рушти ќе биде промовиран на 8 ноември. Промотор на делото ќе биде Ермис Лафазановски, а преведувач е Александра Каитозис.

Сите дела ќе бидат промовирани со присуство на авторките.

Овие настани се одржуваат во Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“ од 20 часот.

И оваа година во рамките на фестивалот ќе ѝ биде отстапено место на македонската книжевност. Промоцијата на еден редок книжевен жанр – научната фантастика, односно првиот дел од трилогијата „Наследството на Вероника“ под наслов „На работ од времето“ од Моника Трајковска, ќе се одржи на 4 ноември.

Во префинетото друштво на дами ќе се најде и поетската збирка „љубавина“ на еден од омилените млади македонски поети, Ѓоко Здравески. Неговата книга ќе биде промовирана на 9 ноември во Менада, во off-програмата.

На второто издание на фестивалот ќе бидат промовирани и две антологии посветени на женското писмо, т.е. на женската поезија.

На 28 октомври, со почеток од 19 часот, во Јавна соба ќе биде претставена книгата „Ова е моето последно молчење“, антологија на поезија од современи македонски поетеси. Приредувачки на делото се Елена Пренџова и Оливера Доцевска, а ќе го промовира Весна Мојсова-Чепишевска.

Финалето на фестивалот е промоцијата на антологијата „Што си ти?“, која ќе се одржи на 11 ноември, со што и официјално ќе биде спуштена завесата на „Букстар“ 2016. „Што си ти?“ е избор од најубавата поезија од европски авторки, направен од страна на соработниците и пријателите на издавачката куќа „Антолог“ специјално за второто издание на фестивалот. Промоторка на оваа несекојдневна антологија ќе биде Оливера Ќорвезироска.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top