| четврток, 6 декември 2018 |

Собранието го донесе Буџетот за 2017 година (видео)

Собранието на Република Македонија со 72 гласови „за“ и 37 против денеска го донесе Буџетот на Република Македонија за 2017 година со кој вкупните приходи се планирани на ниво од 187,612 милијарди денари. Вкупните расходи се на ниво од 206,219 милијарди денари или за 4,5 проценти повеќе во однос на годинава. Буџетскиот дефицит е предвиден да изнесува 3 проценти од БДП, односно 18,6 милијарди денари.

Предлогот го образложи министерот за финансии Кирил Миноски кој рече дека главен приоритет на овој стратешки  документ е поддршка на приватниот сектор и дека со него се обезбедува редовна исплата на плати, пензии, социјална помош и подмирување на другите потреби на граѓаните.

Капиталните инвестиции се планирани на 26,95 милијарди денари.

Буџетот е работен врз основа на проекција за раст на економијата од 3 проценти, а инфлацијата да остане на ниво од 1 отсто.

– Предлог-буџетот за 2017 година се темели на три основни постулати. Тоа се развој, кој базира на високиот износ на капитални инвестиции, социјална заштита на најранливите категории граѓани и етапно намалување на буџетскиот дефицит за да се постигне фискална консолидација на среден рок, рече министерот Миноски.

По редовната пауза продолжуваат со останатите точки од дневниот ред и по одлуката за распуштање на Парламентот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top