Челниците на светскиот тенис решија посериозно да го дисциплинираат Ник Киргијос, кој е казнет со двомесечна суспензија поради непрофесионалниот однос за време на турнирот во Шангај. Австралиецот, кој има бројни „дисциплински престапи“ во последните години, делуваше како намерно да го губи мечот, во голем дел од поените речиси и да не се движеше, а згора на тоа влезе во конфликт со еден навивач.
Тој веднаш беше казнет со 16.500 долари, но по комплетирањето на истрагата за целиот случај беше донесена одлука Киргијос да биде суспендиран на осум седмици. Со тоа, Ник Киргијос стана првиот тенисер суспендиран од страна на АТП во последните 26 години, откако последен пат казна заработи Џон Мекинро.
– По истрагата за мечот од второто коло на мастерс-турнирот во Шангај, АТП утврди дека Ник Киргијос направил огромен престап “грубо кршење на интегритетот на играта“. Како казна, тој ќе биде суспендиран осум турнирски недели, што значи дека нема да може да игра на турнири од 17 октомври 2016 до 15 јануари 2017 година – се вели во соопштението на АТП.
Постои можност казната да биде намалена на три турнирски недели доколку Киргијос се согласи да влезе во програма за редовни посети на спортски психолог, но тоа во секој случај не менува премногу бидејќи Австралиецот во секој случај би го пропуштил Мастерс-турнирот во Париз, а потоа нема обезбедено пласман за АТП-шампионатот во Лондон, по што му следи пауза до крајот на годинава.
Камбекот на Киргијос на терените се очекува на Австралија опен во јануари 2017, а останува да се види како ќе се однесува проблематичниот тенисер по одлежувањето на оваа казна.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.