Увозот за кој зборува опозицијата нема никаква врска со цената на електричната енергија за крајните потрошувачи, се вели во реакцијата на АД ЕЛЕМ-Подружница РЕК Битола во врска со денешните наводи на СДСМ.
– Увозот, односно набавката на овој енергент за субјектите кои се на либерализираниот пазар се реализира врз основа на деловни договори меѓу компаниите за трговија со електрична енергија и потрошувачите на слободниот пазар. Домашното производство во целост ги задоволува потребите на домаќинствата и на малото стопанство кои се наоѓаат на регулираниот пазар за електрична енергија, стои во реакцијата.
Воедно, од АД ЕЛЕМ посочуваат дека во изминатиот период реализирале, силен инвестициски циклус во изградба на нови производствени капацитети на електрична енергија, и во континуитет ја спроведува програмата за модернизација и ревитализација на постојните електрани.
Истовремено, од компанијата наведуваат дека инвестираат во еколошки проекти во РЕК Осломеј и РЕК Битола, превземаат подготвителни активности и истражни работа за изградба на нови рудници за јаглен потребни за производство на електрична енергија од постојните термоелектрани, подготвителни активности за изградба на нови хидроелектрани, а во тек се и подготвителни работи за изградба на топлификациски систем за Битола, Новаци, Логоварди и Могила.
– Реализирани се и теренски активности поврзани со истражувањата за резервите на јаглен во источниот дел од Македонија кои ќе бидат основа за можно отворање нови рудници и нова термоелектрана. Овие активности во наредниот период ќе претставуваат платформа за отворање рудници за јаглен и за можна изградба на нова термоелектрана во источниот дел на Македонија, се наведува во реакцијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.