Со измените и дополнувањето на Законот за иновациската дејност се предвидуваат новини кои се од исклучително значење за функционирањето на Фондот за иновации, но и за инструментите кои подразбираат финансиска поддршка за лицата кои сакаат да креираат, односно да се бават со некоја од иновациите, изјави денеска заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски.
Предлог-законот, како што рече, денеска е на второ читање пред членовите на матичната собраниска Комисија за образование, наука и спорт и на Законодавно-правната комисија.
Со законските измени, како што појасни Ристовски, предвидено е да се допрецизираат и доуредат одредби кои ќе овозможат целосно функционирање на Националната канцеларија за трансфер на технологии.
– Значајно е да се истакне дека со овие измени се овозможува соработка помеѓу Фондот за иновации и технолошки развој и Министерството за земјоделство во делот на користење на средствата од Програмата за рурален развој, која што ќе биде од исклучително значење пред се заради можност за стимулација на иновациите и во делот на земјоделската дејност, рече заменик-министерот за образование.
Со ова на еден начин, како што посочи, се прави поврзување на вкупните владини политики во делот на иновациите и во делот на земјоделието, која е една од најзначајните гранки која Владата на РМ ја поддржува со високи износи на субвенции во делот на развојот и квалитетот на земјоделието кое ќе биде конкурентно на европскиот пазар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.