Професорот и диригент Ле Фи Фи, кој е од Виетнам, своето семејство го создал токму овде, во Македонија. Првпат дошол во 1989 година, со својата сегашна сопруга, а од 1993 година живее во Македонија. Вели дека народот овде и во Виетнам е сличен. Ле Фи Фи ужива во убавините што ги нуди земјата, во храната, музиката, културата. Охрид, според професорот, е место што не смее да го пропушти ниту еден посетител. Често патува во Виетнам за да ги посети родителите, но Македонија, вели, е неговиот дом
Кога за првпат се запознавте со Македонија?
Ле Фи Фи: Во 1989 година, кога бев студент во Московскиот конзерваториум „П. И. Чајковски“. Во студентскиот дом се запознав со мојата сегашна сопруга Лидија Добревска и на летниот распуст таа реши да ме запознае со прекрасната Македонија.
Доаѓате од земја што има поинаква култура и традиција од Македонија. Како успеавте да се приспособите на животот овде?
Ле Фи Фи: Потекнувам од Виетнам, држава со речиси 90 милиони жители, со типична азиска традиција и култура, но тоа воопшто не ме спречи да се приспособам на животот во Македонија. Вие сте, сепак, луѓе од Југот, на кои секојдневните навики им се слични на виетнамските. Менталитетот на двата народа е сличен, отворен, дружељубив, фамилијарен…
Ви помагаат ли Македонците кога Ви е потребно? Кое е Вашето мислење за македонскиот народ?
Ле Фи Фи: Со оглед на тоа дека повеќе од 20 години живеам во Македонија, земја што ја сметам за свој дом, имам многу роднини од страна на Лидија, пријатели, колеги… Сите ни помагаат кога е потребно, а и ние им помагаме. Таков е живот тука. Без помош од своите блиски потешко ќе поминеш. Според моето мислење, македонскиот народ душа дава за друштво, ха ха ха…Пријателски е настроен, сака да помогне, тоа е народ што знае да се облекува, да јаде вкусно, малку е нетрудољубив, не размислува многу за иднината и глобално…
Колку имате слободно време да патувате низ Македонија?
Ле Фи Фи: Кога имам гости од странство играм улога на туристички водич патувајќи низ Македонија. Но, со оглед на тоа дека Македонија има премногу убави краишта, нормално дека не сум успеал секаде да поминам. Но, сепак, се трудам секогаш кога сум слободен да сум во природа, се шетам. Имам и хоби, а тоа е фотографирање. Најмногу ја сакам есента, кога лисјето пожолтуваат – прекрасно е за убави фотографии.
Кое е местото, кое, според Вашето мислење, мора да го посети секој што доаѓа во Македонија?
Ле Фи Фи: Дефинитивно, тоа е Охрид. Град со почист воздух, климата е прекрасна и целата убавина на градот со многу историски локации… Ја сакам охридската кујна, различни видови риби… да шетам на планина, покрај езерото, да се возам во кајче, се восхитувам пред секоја стара црква… или, едноставно, да одам на пиво со пржени плашици гледајќи зајдисонце… Тоа е Охрид.
Музиката е Вашата професија. Што мислите за македонската музика?
Ле Фи Фи: Ја сакам македонската изворна и староградска музика. Во изворната се чувствува целата култура, историја на еден мал народ, кој со векови се борел за својата слобода. Се чувствува тагата, болката, страдањата… повеќе од веселбата. А, за разлика од неа, староградската е пожива, се гледа харизмата на народот во неа. Знам и да пеам многу познати македонски песни.
Како се снаоѓате со храната? Ви се допаѓаат ли македонските рецепти?
Ле Фи Фи : Јас сум гурман. Сакам и можам да ги консумирам сите видови храна. Сакам многу зеленчук, овошје, разни видови салати, готвени јадења како мусака, турлитава, грав, пилав, пити и, нормално, скарата. Сакам македонска домашна ракија, домашни вина….
Ви недостига ли родната земја?
Ле Фи Фи: Се разбира дека ми недостига Виетнам, но, за среќа, последните години почесто патувам таму и приватно и службено. Моите живеат во Ханој. И двајцата веќе се над 85-годишна возраст, морам да сум почесто покрај нив. Освен тоа, секое одење ми е работно, често ги користам зимскиот и летниот распуст да имам концерти со различни оркестри во Виетнам. Сето тоа ме прави среќен, помалку носталгичен…
Кои се Вашите планови, останувате во Македонија?
Ле Фи Фи: Во Македонија сум од 1993 година, работев во Македонската филхармонија, Македонската опера и балет, а сега работам како професор-диригент во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“. Македонија ни е дом, а Виетнам е родниот крај. Морам да сум на двете места. Во Македонија имам својата малечка фамилија, син ми има 20 години и студира информатика, сопругата Лидија работи во Македонска филхармонија. Животот ми е тука, но, сепак, треба да одвојувам време да бидам со моите родители во Виетнам исполнувајќи ја својата одговорноста кон нив по нашата традиција, се разбира, кога ќе можам.
Пишува: К.Н.К
(Текст објавен во 215 број на неделникот Република)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Виолета Џолева, режисерка: Со првиот мјузикл за деца сакам да им се заблагодарам на маестро Џамбазов и на Оливера Николова
-
Шумската мафија годишно заработува и до 25 милиони евра (видео)
-
Македонците ќе имаат најкраток работен век во Европа
-
Бислимовски: РКЕ нуди четири цени на нафтените деровати, но трговците секогаш ја избираат највисоката