„СТС Текстил“ ќе вработи 1.000 лица во Велес
Со почетна инвестиција од 4 милиони евра германската компанија „СТС Текстил“ влегува во Македонија. Најпрво ќе отвори 50 работни места, а според проекциите на компанијата бројката на ново вработени ќе се искачи до 1.000 лица.
– Тоа се 1000 семејства кои ќе најдат сигурна егзистенција и место за работа. Ова ќе биде браунфилд инвестиција, односно капацитетите на компанијата ќе бидат сместени во поранешната фабрика Нонча Камишева, или позната како поранешната Свилара во Велес, која како и многу други беше уништена во болната транзиција од која без работа останаа илјадници граѓани. Денес ние успеваме пропаднатите капацитети да претвораме во успешна приказна. Свиларата во Велес ќе биде успешна фабрика во која ќе биде сместена германската STS Textiles која ке извезува производи од индустриски текстил за автомобилската и техничка индустрија во земји како Германија, Полска, Италија и Франција. Се работи за компанија која беше прогласена Топ 100-те иновативни компании во Германија. Првиот контакт беше направен пред околу една година од страна на Климент Шекеровски, а од самиот почеток во разговорите беше вклучен и Владимир Пешевски и Џери Наумоф. На состаноците во владата, уште пред една година тие силно се бореа и успеаа да го убедат инвеститорот во конкуренција од повеќе држави, место за својата идна инвестиција да ја одберат Македонија, што е уште една потврда за добрата бизнис клима која се создава. Ние силно ќе продолжиме да работиме за стабилизација и напредок во економијата и отворање на нови работни места. И покрај сите предизвици и наметнатата политичка криза, напредокот на граѓаните останува нашиот најсилен фокус. Тоа е разликата помеѓу нас и нашите политички конкуренти. Тоа граѓаните многу добро го гледаат и ја прават разликата помеѓу нас кои работиме, носиме инвестиции, реализираме илјадници проекти, покажавме дека имаме програма и држиме до неа и оние од опозицијата кои прават деструкции и конфликтност и внесуваат несигурност. Нашата борба за секое отворено работно место продолжува, напиша Груевски на својот ФБ профил.
Инвестицијата од 4 милиони евра, планирано е во наредниве 5 години да достигне до 7 милиони евра, а покрај директните, бројката ќе биде зголемена и со индиректни вработувања. Потписници на договорот се министерот за привлекување на странски инвестиции Џери Наумов, како претсавник на Владата, управителот на компанијата Маркус Туч и управителот на компанијата Лутекс, Жаклина Стојановска.
Инаку, компанијата Лутекс е конкретно основана за реализација на инвестицијата, која ќе започне со работа за 1-2 недели.
-Маркус веќе започна со реновирањето и воспоставувањето на производствените операции во објектот кој што беше дел од поранешната фабрика Нонча Камишева, која што во периодот на транзицијата престана да работи, така што ние сме горди дека на овој начин внесуваме нов живот во овој стар комплекс, заедно со уште некои други инвеститори, од кои што еден е од Швајцарија, и се вика Ронтис, а другите се две македонски компании , рече Наумов.
Предвидено е, додаде министерот, помали единици од компанијата да се отворат и во Демир Хисар за поконкретно производство. Во фабриката ќе се користи најсовремената технологија за плетење, а компанијата го има развиено единствениот текстил кој што успева да складира соларна енергија од сонцето, уникатен изум кој ќе ги намали трошоците за греење и ладење.
-Разгледувавме повеќе држави во Европа за тоа каде да ја основаме нашата фабрика, а во Македонија најдовме совршена бизнис клима за да ја оствариме инвестицијата. Како и во секоја друга работа имаше определи пречки но успешно и брзо ги надминавме. Затоа денеска сум горд што сум тука и задоволство ми е да споделам дека поставувањето на фабриката е во тек, рече управителот на „СТС Текстајлс“,Маркус Туч.
Во фабриката во Велес ќе се работи со најсовремена опрема за плетење. Ова го гарантира управителот на компанијата. Тој додава дека ќе го остварат и даденото ветување за идни инвестиции.
-Претставува навистина големо задоволство што една од најиновативните германски компании за производство на технички и индустриски текстил, покажа желба и посветеност токму тука да ја реализира првата инвестиција надвор од Македонија, што потврдува дека условите за водење и започнување на бизнис во Македонија се на високо ниво. Со отворањето на Маркарт, инвестицијата на индиската БРГ, како и со започнување на работата на СТС Текстајлс, очекуваме позитивни ефекти во Велес и дополнително намалување на невработеноста, која во изминативе 10 години со имплементирањето на комплементарните економски политики е намалена за околу 50 проценти, рече вицепремиерот задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски.
„Костал“ стартуваше со производство, инвестицијата ќе креира нови 1.000 работни места
Германската компанија „Костал“ во вторникот и официјално стартуваше со производствени активности за технолошко напредни и иновативни производи во областа на автомобилската индустрија. Станува збор за „браун-филд“ инвестиција со производствена линија што ќе функционира во рамки на поранешните производствени капацитети на „ЕМО“ кај Охрид.
Претседателот на „Костал групацијата“ Андреас Костал на свеченоста со која беше означен стартот на производствената инвестиција, истакна дека прагматичноста и интелигенцијата кои ја детерминираат економската политика на Република Македонија била една од причините за нивната одлука да отворат своја филијала во Охрид.
– Навистина имавме одлична поддршка од Владата и државните институции во реализирањето на овој проект. Единствено преку таква поддршка беше можно за помалку од една година да дојдеме до степен на почеток на производство. „Костал“ во македонските филијали за наредните десет години планира да известира 30 милиони евра, и на подолг рок, независно автоматизацијата на производствениот процес, да креира 800 работни места, рече тој притоа поздравувајќи ги поволностите што преку реформските политики Република Македонија им ги нуди на странските инивеститори.
Претседателот на Владата за спроведување на изборите, Емил Димитриев, во обраќањето пред присутните на свеченоста истакна дека отворањето нови работни места и пуштањето нови производни погони се најдобра празнична честитка за граѓаните на Македонија.
– Благодарение на мерките и политиките на Владата, „Костал“ донесе одлука своето производство да го прошири и тука во Македонија. Она што радува е што зацртаните планови на компанијата етапно и со сигурност се исполнуваат, за што е потврда и почетокот на производството на „Костал Македонија“, рече тој, израувајќи уверување дека како и досега и во иднина ќе следи успешна реализација на предвидените планови на компанијата, со нови инвестиции што ќе значат и нови вработувања и можности за кариера на населението од околните градови и помалите населени места.
Јури Маклакхов, директорот на „Костал Македонија“ ДООЕЛ Охрид, се надоврза со појаснување дека отворањето на овој производствен погон во „ЕМО“ е само почеток на присуството на „Костал Групацијата“ во Македонија.
– Во текот на изминатите девет месеци компанијата „Костал“ во Македонија има инвестирано околу четири милиони евра, вработувајќи 48 лица од Охридско-струшкиот регион. До крајот на оваа година планираме да вработиме околу сто луѓе и инвестиција од околу шест милиони евра. Покрај адаптација на погонот, инвестиравме и во неопходна стручна обука на вработените во Ирска и Германија. Нашиот тим веќе е вклучен во производството на електронски и мехатронски производи за „БМВ“, „Порше“, „Дајмлер“ „Форд“ во нашата македонска фабрика, истакна Маклакхов.
Директорот на ДТИРЗ Виктор Мизо, изрази задоволство што „Костал“ после направените детални анализи и истражувања на инвестициските услови во земји како Бугарија, Србија, Молдавија, Белорусија и Турција, како најповолна дестинација ја избрал токму Македонија и Охридско-струшкиот регион.
– За нас како Дирекција на ТИРЗ особено беше важно што преку овој начин ќе заживее дел од комплексот на поранешен „ЕМО“, каде голем број охриѓани ги почна и завршија своите кариери, притоа решавајќи да ги учат техничките науки поради можностите што ги нудел „ЕМО“. Во „Костал“ се, а и понатаму ќе бидат анагажирани дел од поранешните вработени во „ЕМО“, како еден од важните услови кога „Костал“ се одлучи да инвестира токму на овој регион, рече Мизо.
Тој додаде дека во комплексот на „ЕМО“ ќе биде формирана индустриска зона, каде освен „Костал“ и други потенцијални инвеститори ќе работат на „браунфилд“ инвестиции во постоечки адаптирани капацитети. Тоа, според Мизо, ќе придонесе и за развојот на локалната екомонија преку потенцијална соработка со локални компании и пред се со соработката со општинските технички училишта и Универзитот за технички науки „Свети Апостол Павле“ како извор на потенцијален кадар за потребните на компаниите што инвестираат тука.
На церемонијата на ставањето во погон на производствениот капацитет на „Костал“ во Охрид приуствуваше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски кој меѓу другото истакна дека се работи за реализација на едно од ветувањата дадено кон граѓаните на Охрид, за отворање нови работни места.
– Ова е едно од нашите залагања, да се донесат нови компании што ќе отворат нови работни меса во Македонија. Тој процес успешно се одвива и не е случајно што стапката на невработеноста изминатите десет години постојано опаѓа. Во изминатиот период од десет години секој квартал имаме опаѓање на невработеноста, од 38 на некаде 24 проценти, рече Груевски.
Компанијата „Костал“ постои веќе сто години, а од семеен бизнис прерасна во една од четирите водечки фирми во светски рамки што произведуваат електронска и мехатронска опрема за најпознатите светски автомобилски компании. Во 1973 година компанијата за првпат отвора своја филијала надвор од Германија, така што денес „Костал“ има околу 17 илјади вработени во 46 производствени капацитети во 21 држава на четири континенти.
„Цераметал“ инвестира во „Жабени“ – работа за 600 лица
Грчката компанија Цераметал од Атина донесе одлука да инвестира во Битола, поточно во нов капацитет во индустриската зона Жабени, за производство на метални производи, конструкции и на материјали за заварување што наоѓаат примена во енергетскиот и градежен сектор.
-Цера Метал е врвен производител на облагороден оплородни плочи кои што се користат како машински делови, или делови во градежни машини. Овој производ има најдобро решение во проблемите кои се појавуваат како разјадување при триење, ерозија и при судири при големи температурни разлики. Се користи широко во тешката индрустрија, во производство на цименто, во производство на електрична енергија и во рудите. Нивниот производ е нивниот изум , начинот на производство е нивниот изум и се понуди пред 20 години во локалните фабрики за производство на електрична енергија и го искористија нивниот изум за олеснување во нивниот производствен материјал, вели Пападопули.
Компанијата, нагласува таа, располага со голема мрежа на клиенти кои што нивни производи ги продаваат најповеќе во Европа со 40 отсто во Германија, Канада, Чиле, Бразил, Турција, Русија, Јапонија, Тајван и во многу други земји. Компанијата веќе купи градежно земјиште во индустриската зона Жабени.
-Цера Метал ја избра оваа индустриска зона за да ги вложи своите средства за градење на нова индустриска единица, како главен предуслов беа поволната бизнис клима, инфраструктурата, блискоста со Грција, исто така и рангирањето преку дуинг бизнис членот на земјата во 2016 година беше прогласена за најповолна земја за инвестиции. Исто така поддршката од владата и локалната самоуправа беше еден голем предуслов за да одлучиме ние за инвестирањето тука , спремноста и обученоста на работната рака на луѓето кои сакаат да работат кај нас, расположливоста за комуникација и познавањето на англиски и грчки јазик беше пресудно за да одлучиме дека ние треба да го развиеме нашиот бизнис во оваа земја, вели Пападопули.
Додава дека компанијата купила простор од 45 илјади метри квадратни во индустриската зона Жабени, преку електронска аукција.
-Во првата фаза ќе произведе т.е ќе изгради индустриска единица од пет илјади метри квадратни, каде што за неколку години ќе се зголеми таа градба на 23.700 метри квадратни. Конечната висина на инвестицијата предвидува да достигне до 12 милиони евра, а почетната инвестиција е околу пет милиони евра. Во првата фаза на производството во оваа индустриска единица ќе се ангажираат околу 150 вработени и покрај нив во локалната околина ќе се вработат околу 30 луѓе кои ќе бидат ангажирани за останатите одговорности околу производството, надзор, царина и слично. Како што кажавме во првата фаза ќе вработиме околу 150 лица, но тоа ќе станува последователно како и што ќе се развива нашата производителна единица, така и ќе вработуваме нови луѓе и околу 600 луѓе ќе ни бидат потребни во нашата индустриска зона. Сето тоа ќе биде постепено, бидејќи и ние псотепено ќе се развиваме. Имаме тотална поддршка од владата и од локалната самоуправа, тие ни укажаа на тоа дека таквиот профил кои го бараме ние е доста развиен кадар во ова поднебје и мислам дека нема да имаме никаков проблем да го обезбедиме тој број на лица кои што нас ќе ни требаат, вели Пападопули.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Директорката на „ЦераМетал“: Добрата бизнис клима и поддршката од Владата не поттикна да инвестираме во Битола
-
Германски „Костал“ почнува со производство во Македонија
-
Следува потпишување на договорот со „СТС Текстајл“ за 1000 нови вработувања во Демир Хисар
-
„Костал“ ќе го потпише договорот за инвестицијата во Македонија