Екипата на Металург го доживеа вториот пораз во низа во Лигата на шампионите против екипата на Чеховски Медведи од 25-21.
Избраниците на Червар слично како и на дуелот со Татран Прешов покажаа две лица, па овојпат тие се вратија од негатива од седум гола и стигнаа до водство на средина од второто полувреме. Сепак, во клучните моменти дојде до нов пад во играта на Металург, „пулените“ на Червар промашуваа кога беше најзначајно, па и на второто гостување во ЛШ останаа со празни раце.
Металург ги реализираше првите два напади преку Обрадовиќ и Пешевски, но потоа нападот на македонскиот вицепрвак се соочи со сериозна криза. Откако Обрадовиќ погоди во осмата минута за израмнување на 3-3 избраниците на Червар цели десет минути не можеа да го најдат патот до мрежата, па Чеховски медведи експресно стигна до убедлива предност од 9-3. Костески ја прекина серијата на противникот од 6-0, но потоа рускиот клуб даде два нови гола за најубедливи седум гола разлика (11-4).
И доколку претходниот дуел со Татран Прешов беше загубен откако Металург прокоцка седум гола во Словачка, овојпат клубот од Автокоманда успеа да се врати и да го направи финишот неизвесен. Првото полувреме заврши со 14-8, Чеховски медведи на стартот од вториот дел поведоа и со 15-8, за потоа Металург да го почне фантастичниот камбек. Во следните петнаесет минути македонскиот клуб предводен од голманот Арсиќ на голот и од Младеновиќ, Брајовиќ и Обрадовиќ во нападот направи серија од 10-2, па резултатот на половина од вториот дел гласеше 17-18 за македонскиот вицепрвак.
Рускиот шампион се разбуди, заигра поефикасно во нападот, вртејќи го резултатот во своја полза за водство од 22-20, по што Лино Червар беше принуден да побара тајмаут. Металург не искористи два напади, по што домаќините реализираа преку Осташченко, осигурувајќи си ја победата што на крајот беше изразена со конечни 25-21.
Обрадовиќ со осум гола беше најефикасен кај Металург, пред Младеновиќ со пет погодоци додека Талески одигра под своите можности постигнувајќи само еден гол од седум обиди.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.