Бидна уште еден, јубилеен, конгрес на СКМ, или СКМ-ПДП, или СДСМ, кој како милува така, нема да згреши во никој случај. Изнесеното на конгресот личеше на лицитациско наддавање, на веќе спроведени проекти Заев додава плус уште една цифра, ако Груевски кажал ќе направам 100 градинки, Заев вика јас ќе направам 101 градинка, ако Груевски кажал ќе изградам автопат од-до, Заев вика јас ќе изградам автопат од-до и плус еден сокак. Безидејно е во Сојузот, само политикантство, аматерско.
Настрана тривијалните конгресни фрази на лидерот, јубилејниов конгрес на СДСМ кај мене отвори дилема која ќе се обидам да си ја разјаснам во продолжение. Дилемата ми е дали партијата е целосно киднапирана или е вратена на нејзините стари вредности, вредности востановени пред седумдесет и една година, поточно на 16.04.1945 година? На конгресот мене највпечатлив ми беше симболот-логото наменето за настанот на Заев, од таму, всушност, ми произлегува дилемата. Симболот на СДСМ е жолта петокрака со црвена роза, која последните години ја модифицираа и вметнаа стисната тупаница. На конгресот симболот на СДСМ беше обвиен со неколку поголеми петокраки и тие беа шарени. Од партијата соопштија дека тоа било во чест на „Шарената револуција“. Оттука произлегува и прашањето кој кого контролира. Дали СДСМ и де факто стана марионета во рацете на „Шарената револуција“, која е една од многуте инсталации на Сорос? Дали „шарените револуционери“ ја киднапираа партијата од членството на СДСМ?
Старото и лојално членство на СДСМ, кое со години работело за партијата, сега е контролирано и водено од „шарени револуционери“ кои им дефилираат низ штабот. Членството, кое работело од љубов и од некаква идеологија, сега стои во последните редови зад разни профитери, самопрогласени интелектуалци и експерти. Лојалното членство, кое на секакви временски услови работело на терен, агитирало, одело по митинзи и протести, сега е заменето со „елоквентни“ костумирани „експерти“ кои дебатираат со два топа хартија пред нив. Членството, кое од љубов работело за партијата без никаков надомест, сега е засенето од нови ликови со големи грантови. Тоа членство со години плаќало членарина во СДСМ, од таа членарина сега се дели плата на нововработените „револуционери“ во партијата. Останатиот дел од „револуционерите“, тие што не се вработија во органите на партијата, раководството на СДСМ го вдоми во СЈО. Згора на сево ова, добитните места на пратеничките листи за наредните парламентарни избори ги добија платените членови на „Шарената револуција“, а членството доби едно големо ништо. Две години членството на СДСМ беше вадено на насилни протести предводено од „револуционери“ со инкасирани десетици илјади евра по „револуционер“.
Да резимирам за првиот дел од дилемата, како се киднапира партија преку газење на членството. Во јавност се криеш дека си симпатизер на СДСМ, додека членството гине за партијата, тебе само дома те знаат; влегуваш во една од организациите на Сорос; договараш добар грант за правата на птиците-преселници кои прелетуваат над Македонија; одиш на протести во 18 часот откако убаво ќе се наспиеш; вежбаш бицепс преку фрлање боја по споменици; се вработуваш во партијата или во СЈО; се ставаш на добитно место на пратеничка листа; влегуваш во парламент како пратеник. Чист профит. За една година си киднапирал партија и си ги девастирал сите што со години работеле за партијата, тие сега ќе работат за тебе. Сето тоа со една година платена работа во партијата, која по некои правила треба да биде волонтерска. Мислам дека си одговорив на првиот дел. Да, киднапирана е, тоа веќе го знае и целата јавност, но тоа да го оставиме на членството да си го реши низ органите на Сојузот.
Другиот дел од дилемата ми беше враќањето на вредностите од темната доба на СКМ. Помеѓу новодојдените „револуционери“ во СДСМ провејува радикалната левичарска идеологија. Револуционери, атеисти што се крстат, комунисти што се крстат во берзански шпекулант, контрадикторности колку сакате. Па кога веќе ја одземаа партијата од рацете на членството, редно е темелно да ја вратат на старите патеки и да се игра по нивни правила. По тој повод, Зоран Заев во 2016 година, во демократско општество кое се наоѓа на европско тло, на конгресот кон присутните се обраќаше со „другари и другарки“, недостигаше уште говорниците да ги ословува со „политички комесари“.
Во Социјалдемократскиот сојуз на Македонија на голема врата влегоа радикални комунистички елементи, и тоа не е воопшто наивно, припадниците на „Левица“, чиишто членови влегоа во СДСМ, го сквернавеа споменикот со кој се оддава почит на Првото заседание на АСНОМ. Речиси сите личности што се претставени на тој споменик по укинувањето на АСНОМ, од страна на Сојузот чијшто наследник е СДСМ, завршија по југословенските затвори и логори. Линијата на која се распослани идеологиите не е права, таа е кружна, најгоре се спојуваат двете тоталитаристички идеологии, комунистичката и фашистичката помеѓу кои има равенство. Исто како линијата така и партијата, не бележи прогрес, се врти во круг, кој сега го затвора. Датумот што го спомнав на почетокот и сквернавењето на споменикот на АСНОМ од страна на радикалните елементи во СДСМ имаат нешто заедничко. На тој датум, 16.04.1945 година, е укинат Президиумот на АСНОМ и во Македонија е воспоставена нова власт испраќајќи ја старата во логор, по што почна мрачниот период на комунистичкиот режим. Исто како што тогаш бесправно ги затворале членовите на Президиумот на АСНОМ, така денес Катица Јанева бесправно го лиши од слобода единствениот македонски градоначалник во Албанија, Едмонд Темелко, тоа Јанева го призна и јавно. „Револуционерите“ во СДСМ, кои сквернавеа споменици и се повикуваат на старите комунистички традиции, сега го обвиткаа симболот на партијата. Да, се вратија на старите вредности.
Заев од позиција на предводник на радикални левичари зборуваше за поединецот во општеството. Претпоставувам дека комунистите во неговата партија не му објасниле дека тие поединецот го множат со нула, дека ја убиваат сета индивидуална иницијатива, дека веруваат во чопор, директиви и послушност.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.