| четврток, 6 декември 2018 |

Честитка од Ристовски по повод Светскиот ден на наставниците

Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски на социјалните мрежи упати честитка до сите наставници во Р. Македонија по повод Светскиот ден на наставниците.
-Свесни за клучната улога на наставниците во воспитно образовниот систем и процес на едукација на учениците, во изминатиот период работевме и се уште работиме на подигнувањето на дигнитетот и важноста на оваа благородна професија.

Состојбата која ја затекнавме во 2006 година, кога огромен број на наставници со години во минатото беа ангажирани на определено време и истовремено заплашувани од политичките елити доколку не постапеле по нивните барања, ја надминавме со неколку законски измени, со кои се овозможи секој наставник кој има најмалку 2 години стаж да може да го трансформира работниот однос од определено на неопределено работно време. И досега, можноста е искористена од над 9.000 вработени во образовниот сектор.

За поголема финансиска стабилност на наставниците и нивните семејства, придонесовме со постојаниот раст на платите, при што најниската плата се зголеми за 119 проценти, а највисоката за 67%.

Во насока на обезбедување континуитет во процесот на професионална и кариерна надградба, спроведуваме бројни активности и мерки, меѓу кои и мерката за обезбедување на целосна стипендија за секој наставник, кој ќе одлучи и ќе се запише на постдипломски студии на некој од најдобрите 200 светски универзитети од областа на образованието, кои се наоѓаат на шангајската ранг листа и притоа, неговото работно место за време на студиите да му остане во мирување, односно да му биде загарантирано дека по стекнувањето на повисокиот степен на образование, ќе може да се врати на работа во училиштето каде што дотогаш работел. Овие стипендии достигнуваат до износ од 40.000 долари на годишно ниво и ја прават нашата земја единствена во регионот, по однос на понудената можност.

Тука не запираме. Нашите планови се големи и долгорочни. Ќе следуваат уште многу нови, крупни мерки кои ќе носат исклучиво бенефит за наставничката, односно професорска фела.

Во мое лично име и во име на Министерството за образование и наука, на сите просветни работници им благодарам за секојдневната грижа, максимална посветеност и идеолошка мисла за создавање нови генерации, подобри од секоја претходна. Нека е честит Светскиот ден на наставниците, напиша Ристовски.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top