Јувентус не успеа да го доведе Аксел Витсел во своите редови во текот на летниот преоден рок, но челниците на „старата дама“ се убедени дека овој трансфер ќе биде комплетиран на самиот почеток од јануари. Актуелниот договор на Витсел со Зенит истекува во јуни 2017 година, а Јуве ќе има можност без никаква отштета да го договори неговото доаѓање по завршувањето на сезонава.
Сепак, челниците на „старата дама“ би сакале што поскоро да ја исполнат желбата на тренерот Алегри за да го доведат Витсел во Торино, па веќе е стартувана и новата рунда преговори со Зенит. Мирчеа Луческу во август ги блокираше преговорите поради неможноста да доведе адекватна замена во Зенит, но сега и на романскиот стратег му е јасно дека Витсел е слободен да си замине во јуни, поради што ќе ја прифати понудата од осум милиони евра што ја подготвува Јувентус за јануарскиот преоден рок.
Покрај преговорите за Витсел, Јувентус ќе стартува и потрага по нов голгетер кој би го заменил Марио Манџукиќ, по се погласните најави дека Хрватот незадоволен од статусот на резерва ќе инсистира на трансфер во ПСЖ. Алегри би сакал во своите редови да го види Даниел Стариџ од Ливерпул, кој и самиот нема првотимски статус во англискиот премиерлигаш па би можел да побара заминување доколку добие интересна понуда. Ливерпул ќе бара најмалку 35 милиони евра за услугите на англискиот репрезентативец, па останува да се види дали Јуве ќе се согласи да плати толкава сума за голгетерот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.