| четврток, 6 декември 2018 |

Искачување на Кале со лифт: Два тунелa ќе бидат пробиени под Скопската тврдина

Шеесетгодишната идеа за изградба на тунели под скопското Кале се очекува конечно да добие реализација. Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов најави дека во текот на идниот месец ќе биде распишан тендер за изработка на проект за двата тунели кои што ќе бидат пробиени под Скопската тврдина кај лизгалиштето, ќе минуваат под Музејот на современа уметност и ќе излезат на улица „Самоилова” кај семафорите во ромското маало на Тетовска трошарина.

– Очекувам ова време наредната година да го избереме изведувачот на тунелите кои што ќе бидат со должина од 250 метри. На две места во тунелите ќе има автобуски станици со должина од 40 метри. Патниците ќе се искачуваат горе на Калето со лифтови – најави Шилегов на брифинг со новинарите.

Како што пренесува „Вечер“, тунелот под Кале е дел од нацрт-верзијата на Деталниот урбанистички план за локалитетот Тетовска трошарина, како продолжение на булеварот “Свети Климент Охридски”, усвоен од страна на Советот на општина Центар. Тунелот постои во генералните урбанистички планови за Град Скопје уште од 1965 година, а потоа е потврден и во плановите од 1985 и 2002 година. Тој ќе има олеснителна функција во однос на сообраќајниот метеж.

– Ова практично ќе претставува продолжение на булеварот “Св. Климент Охридски”. Булеварот ќе поминува покрај левата страна на зградата на Владата каде моментално има паркинг. Потоа сообраќајницата ќе поминува преку Вардар за што ќе се изградат мостови и со тунели ќе влегува под Калето. Нивната изградба нема да ги наруши археолошките ископини на површината на тврдината, бидејќи копањето ќе биде многу подолу – вели Шилегов.

Земјиштето под Калето е меко бидејќи се работи за седиментна карпа, која лесно може да се пробие и поради тоа, сметаат експертите, нема да има поголем проблем во изградбата. Експертите велат дека ова ќе биде улица која ќе биде основа на примарната сообраќајна мрежа во Скопје.

Идејата за тунел под Кале и пробивање на булеварот “Св. Климент Охридски” постои уште во 1955 година. Главната придобивка од реализацијата на проектот е растоварување на целиот сообраќај кој минува преку Бит-пазар, а особено метежот на крстосницата кај Судска палата, каде што е проценето дека дневно поминуваат и над 86.000 возила.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top