Традиционалното сезонско приготвување ајвар и туршија почна, но годинава општинските инспектори и редари се поригорозни од минатите години, барем што се однесува на бројот на изречените казни. Долго време по воведувањето на Законот за јавна чистота наместо казни, редарите и инспекторите изрекуваа само усни опомени. Оваа година по редовните контроли по оваа основа деновиве се изрекуваат и по десетина казни секојдневно, велат од градот.
Како што изјавуваат граѓаните на почетокот им било нејасно што конкретно претставува казниво дело, и зошто печењето пиперки би претставувало проблем. Но според законот тоа што всушност е забрането е поставувањето ќумбиња на јавни површини, нивно палење и оставање неред. Заработуваат казни и продавачите на големо на зеленчуци на јавни површини, велат надлежните.
– Користењето на јавните површини за приготвување зимници од аспект на уништување на јавните површини е забрането, во согласност со законот од 2008 година, и ако комуналните редари и инспектори затекнат прекршители на комуналниот ред ќе им изречат казни од 50 евра во денарска противвредност. Продавањето на големо на зеленчуци на јавни површини е исто така забрането и за тој прекршок казната е иста. Градските инспектори и комунални редари ги спроведуваат законските одредби и секојдневно по двете основи се казнуваат по десетина прекршители – известуваат од градот Скопје.
Оттаму апелираат до сите граѓани да се однесуваат совесно, бидејќи контролите ќе продолжат и сите што ќе бидат фатени како го прекршуваат законот ќе бидат казнети од страна на општинските инспектори, комунални редари или, пак, полицајците.
Најмалку засегнати од овој закон се оние што живеат во куќи и поседуваат свои дворови бидејќи законот не вклучува и приватни површини. Решение се наоѓа и за граѓаните што имаат викендички, оти можат да заминат таму за да ги наполнат теглите. Но за преостанатите, останува да се снаоѓаат. Некои од нив за оваа домаќинска дисциплина ги користат балконите на зградите. Постојат и граѓани што не го поддржуваат домашното приготвување ајвар, и сметаат дека тоа воопшто не е соодветно за градските населби.
Повеќе на „Нова Македонија“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Црн петок, ама буквално: Дошле на шопинг во Сити мол, останале без возила!
-
Кристина Агилера и Иги Поп одат кај него во ресторан да пробаат ѓомлезе и ајвар
-
Внимавајте каде се движите, скопската полиција денеска овде казнува несовесни пешаци (ФОТО)
-
Фонд за иновации, спиете ли мирно? Грант за овој изум за мешање ајвар! (видео)