| четврток, 6 декември 2018 |

Кристина Агилера и Иги Поп одат кај него во ресторан да пробаат ѓомлезе и ајвар

Во потрага по Македонците што се најдобри амбасадори на нашава земја во светот преку промоција на националната кујна, не очекувавме дека првата адреса на која ќе треба да се јавиме ќе биде Флорида. Ајвар во Мајами!? Можеби и ѓомлезе бидејќи најдобриот македонски готвач во сончевата држава доаѓа токму од градот под Самуиловата тврдина, пишува порталот „Галама“.

Тоа што Мајами е сличен како Охрид налето била причината за Kлиме Kовачевски во 1984 година да рече „ајде уште една година, па уште една…“ и да остане до денес. Сега има два ресторана во Америка, а гости му се познати личности од шоу-бизнисот, како Kристина Агилера и Иги Поп, но и претседатели и сенатори.

– Во мојот прв ресторан „Kристал кафе“ доаѓаа голем број познати личности, а во „Њу ривер пица и грил“ полека почнаа да доаѓаат некои од моите познајници.Ресторанот го посетуваат фудбалери и музичари од Флорида, како на пример продуцентот Руди Перез, кој ми е личен пријател и секогаш е во друштво на познати личности – вели Kовачевски, кој има консултантска компанија за тоа како да се почне бизнис во полето на угостителството и хотелиерството. Се школувал во Охрид и во Опатија, а потоа работел во Амстердам, Мајами, Сан Франциско.

– Сè на сè, имам 30-годишно работно кулинарско искуство. Пред да дојдам во Америка, во 1979 година, завршив на високата кулинарска школа во Опатија, по што станав шеф на кујна во хотелот „Скопје“ во Струга. Бидејќи паралелно ме привлекуваше музиката, бев гитарист во групата „Апореа“ заедно со Горан Трајковски, со кој на почетокот на 80-тите ја оформив групата „Падот на Византија“ – се присетува Kовачевски, кој е наградуван за својата работа.

– Јас студирав на насоката француска кујна, но секогаш употребувам наши познати јадења, како на пример ајвар, кој го служам како дел од мезе со ѕаѕики и хумус – вели Kовачевски, кој Мајами го нарекува светска угостителска метропола.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top