| четврток, 6 декември 2018 |

Бучковски: До Конгресот ќе пишувам за СДСМ, потоа вртам нова страница

Почнаа задкулисните игри во најголемата опозициска партија. Извори во СДСМ незадоволни од нивото на внатрешната битка брифираат за некои медиуми, дека хаосот што започна пред неколку дена во Битола и Кавадарци, каде имало сериозни кавги и физички пресметки, продолжува – пишува Владо Бучковски, екслидерот на СДСМ, сега веќе „отпадник“ од партијата, во својата  колумна во Дневник. Вели дека во Кочани и Гевгелија е препишуван однапред подготвен записник.

Република напиша дека имало кавги во Битола, но битолската општинска организација на СДСМ реагираше и испрати демант со обвинувања дека се работи за манипулација и невистина сервирани во одредени кујни.

Пред три дена излезе информација дека напнатата атмосфера на Конференцијата на општинскиот одбор на СДСМ во Кавадарци, прераснала во тепачка. Како што тогаш објавија самите приврзаници на партијата, локалното раководство предложило 6 члена на Централниот одбор, сите блиски до кандидатот Игор Ивановски. Револтот од ваквата одлука, членството го манифестирало со напад врз секретарот и претседателот на општинската организација на СДСМ, по што состанокот бил прекинат.

Висок член на СДСМ- Кавадарци и човек кој важи за близок до Црвенковски, Миле Богев, потврди дека имало несогласувања. Тој јасно вели дека луѓето кои присуствувале се партиски членови, а не блиски до Бучковски. Богев вели дека актуелното раководство на партијата нема поддршка од членството и активистите, особено заради фактот што губат неколку изборни циклуси по ред.

Бучковски исто така потврдува дека лошата атмосфера во најголемата опозициска партија продолжува.

Долго размислував дали вреди и понатаму да ги анализирам состојбите во СДСМ пред Kонгресот закажан за 2 јуни… Сепак, еден имејл што го добив од Kочани деновиве и инцидентот во Kавадарци што се случи завчера вечерта на конференцијата на Општинската организација на СДСМ ме испровоцира да продолжам да пишувам за СДСМ се до Kонгресот, потоа, здравје, вртам нова страница, пишува Владо Бучковски во неговата колумна за Дневник.

-Еве ја најпрвин содржината на ова електронско писмо… Во Kочани, надвор од секаква процедура, во петокот вечерта (на Велипеток) се повикани претседателите на месните одбори во седиштето на партијата (таму каде што претседателите не се по мера, се викани некои од членовите на месните одбори)… Повикувани се еден по еден и давани им се наредби да составуваат наводни записници за одржани седници на месните одбори, на кои се предлагаат кандидати за претседател на партијата и кандидати за членови на Централниот одбор. Сите препишуваа однапред подготвен записник, на кој за претседател беше предложен Бранко Црвенковски, а за ЦО кандидати се Љубомир Јанев, Влатко Серафимов и Ванчо Ѓеоргиев. Еве вака се води постапката за кандидирање во еден од поранешните бастиони на СДСМ. Дали е поинаку во другите општини? Според непотврдени информации, исто било и во Гевгелија… и таму Црвенковски е единствен кандидат за претседател. Различни се кандидатите за членови на ЦО. Во Kочани реализатор на оваа манипулација наводно бил извршниот секретар на партијата Влатко Серафимов, а во Гевгелија наводно реализаторот е другиот извршен секретар Никола Ќуркчиев. Двајцата извршни секретари се потчинети на секретарот на партијата Андреј Петров и не верувам дека вакви манипулации би правеле на своја рака. Ми се чини дека секретарот Петров не се шегувал кога пред шест недели ни соопшти дека и да сака Бранко, не може да се повлече. „ТИЕ НЕ МУ ДАВАЛЕ!“, рече тогаш Петров во емисијата „Во центар“ на Васко Ефтов, пишува Бучковски.

Овие примери според Бучковски докажуваат дека проблемите во СДСМ не можат да се решат само со механички промени во врвот, туку се потребни многу потемелни реформи. -Треба да се победат сите овие инсталации на локално нив, кои работеа под директива од централата! Според мене, кризата во СДСМ, прво, е концепциска, а потоа лидерска. Партијата се соочува со сиромашна политичка понуда, со кадровски дефицит, со идеолошки бариери, со минимален коалициски потенцијал со албанскиот политички блок и со заедниците, со нетрпеливост и со презир кон бизнис-заедницата, со лоши односи со меѓународната заедница, вели тој.

Бучковски пишува дека највата за повлекување на кандидатурата на Заев е потврда за многуте манипулации што ја следат кандидационата постапка.

-Се надевам дека овој потез на Заев ќе ги освести Црвенковски и неговите (кои не му даваат да замине)…, а ако до тоа не дојде, ВРЕМЕ Е НА СДСМ ДА МУ СЕ СЛУЧИ ЧЛЕНСТВО, додава тој во неговата колумна, заклучува Бучковски.

Покрај во Кавадарци, несогласувања и препирки како што пренесоа дел од медиумите блиски и до опозцијата имало и во неколку други општински организации на најголемата опозициска партија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top