| четврток, 6 декември 2018 |

Се гради нова детска градинка во Кавадарци

Градоначалникот на Кавадарци Александар Панов истакна дека Кавадарци од поодамна има обезбедено локација и урбанистички план меѓутоа таа овој период била предмет на денационализација и враќање на старите сопственици

Дополнителниот заменик министер за труд и социјална политика Диме Спасов заедно со кавадаречкиот градоначалник Александар Панов, денеска присуствуваше на воведот во градежните работи за изградба на детска градинка во Кавадарци.

Новата детска градинка ќе згрижи над 100 дечиња од оваа општина, изјави Спасов и додаде оти МТСП преку Владата ја има обезбедено локацијата на која се гради, а која  во минатото беше стара лабораторија.

– Со зголемување на бројот на нови работни места се зголемува и потребата на родителите за згрижување на нивните деца во детските градинки. Оттука заедно со општината интервенираме да се создадат нови капацитети за згрижување на деца од предучилишна возраст. Ова е втор заеднички објект кој го реализираме заедно со градоначалникот на општина Кавадарци.  Очекувам градинката да биде пуштена во употреба на почетокот на 2017 година, некаде до крајот на месец февруари.  Владата учествува со доделување на локацијата и објектот, додека општина Кавадарци го презема делот со изградба на новиот објект,  инвестиција  околу 7,5 милиони денари, соопшти Спасов.

Тој нагласи дека и понатаму со општината ќе продолжат со интензивна соработка,  со цел да  проодлжат проектите за подобрување на животот на граѓаните на Република Македонија.

– Во нашиот план за работа и понатаму стои зголемување на капацитетите за згрижување на деца од предучилишна возраст. Во 2017 година  планираме исто така да се започне со изградба на уште една поголема градинка со капацитет од над 200-250 дечиња,  со што и целосно ќе бидат задоволени потребите на родителите, додаде тој.

Спасов рече дека во изминатите години е направено навистина многу во делот на зголемување на капацитетите на детските градинки.

– Првпат после подолго време се отвараат детски градинки,  се градат нови објекти во општини каде во минатото воопшто и немаше детски градинки,  со особен фокус на градските подрачја,  на поголемите општини каде има изразена потреба,  меѓутоа и на руралните населени места каде  во минатото било незамисливо да има детска градинка. Досега се отворени вкупно 52 детски градинки,  само оваа година се отворени девет нови објекти,  до крајот на годината очекуваме минимум 15 вкупно отворени нови објекти,  со ист интензитет да продолжиме и во иднина. Ние во нашиот план за работа имаме отворање на десет градинки годишно,  меѓутоа оваа година ќе го надминеме тој план во соработка со општините. Со заеднички инвестиции работиме на решавање на проблемот со недостаток на слободни места во детските градинки. Таков  е и случајот со Кавадарци, рече тој.

Потсети дека има  низа поволности за поттикнување на приватните инвеститори да градат и да отвораат приватни градинки.

– И тука имаме значителен успех,  досега 27 приватни детски градинки се отворени во изминатите  години. Очекуваме овој проект  да продолжи да се реализира. Очекуваме на тој начин од повеќе страни,  со повеќе инвестиции,  со заедничка соработка со општините,  да влијаеме да се отвараат повеќе капацитети за згрижување на децата од предучилишна возраст, рече Спасов.

Градоначалникот на Кавадарци Александар Панов истакна дека Кавадарци  од поодамна има обезбедено локација и урбанистички план меѓутоа таа овој период била  предмет на денационализација и враќање на старите сопственици.

– Сега повторно почнуваме една постапка за експропријација на земјиштето,  тогаш кога ќе завршиме со постапката,  се надевам  на почетокот на наредната година,  ќе имаме услови на повеќе од два декари да ја реализираме идејата, информираше Панов.

Според Панов, во Кавадарци веќе постои голем интерес за отворање приватна детска градинка.

– Имаме една стара локација која  Министерството односно Владата ни ја додели и која  во соработка со Владата ќе ја понудиме за продажба. Имаме заинтересирани  така што мислам дека набрзо ќе бидеме сведоци и на првата приватна  детска градинка во Кавадарци, додаде градоначалникот, изјави градоначалникот Панов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top