Oператорот „Оне“ да ги намали цените за годишен надомест за дигитализација за 36 проценти, побара денеска на прес-конференција министерот за информатичко општество Иво Ивановски.
Тој рече дека годишната претплата на националните телевизии со намалување од 36 отсто би изнесувало 100 илјади наместо 150 илјади, а за регионалните телевизии 13.056, наместо над 20 илјади евра.
На првиот допис со барање за намалување на цената испратен пред една недела, „Оне“, според Ивановски, се согласила да ги намали цените за 10 отсто.
– Ние со тоа не сме задоволни и денеска предлагаме и порачуваме до „Оне“ операторот да ја разгледаат можноста и да ги намалат цените со следниве параметри: за националните телевизии 100 илјади евра годишен надомест што значи попуст од 36 проценти, а за регионалните телевизии тоа да изнесува 13.056 евра годишен надомест. Тоа се исто така 36 проценти намалување, изјави министерот Ивановски.
Изрази надеж дека раководството на операторот ќе ја разгледа оваа можност сериозно и оти ќе се консултира со нивниот управен одбор во Љубљана и оти ќе излезат со позитивен став.
– Останаа неповолни 20 дена до почетокот на дигитализација до 1 јуни. Би сакал да апелирам уште еднаш до граѓаните да го купат сетап уредот за дигитализација, бидејќи на 1 јуни 2013 аналогниот систем се исклучува и ќе се вклучи дигиталниот територијален сигнал, рече Ивановски.
Министерството ќе достави измени на Законот за радиодифузна дејност до Собранието со којшто се предвидува пет регионални телевизии да зрачат до Градот Скопје и скопските општини односно поделба на зоната Д1. Станува збор за две телевизии од Кавадарци, две од Велес и една од Свети Николе.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.