Момче полно со живот, во потрага по нови предизвици, Ксу Пеиксао на 18 години решава да ја напушти Кина и заминува во Италија, таму живее девет години, но неговата љубопитност за начинот на животот во Европа не завршува тука, тој се решава да ја напушти земјата на љубовта и заминува во Бугарија, сепак последна дестинација што веќе 15 години не е променета и е идеална за живот е Македонија. Луѓето, хармонијата и мирниот живот е тоа што Пеиксао го задржало во нашата земја, тој во Кина се вратил само по својата љубов, се венчале таму, но своето семејство го создале овде. Пеиксао и Јуњан имаат седумгодишен син, свој ресторан, пријатели. Иако се народ научен да транзитира, во Македонија, велат, го пронашле спокојот по кој трагале.
– Мојот сопруг со Македонија првпат се запозна пред 15 години, од Бугарија дојде овде сакајќи да го запознае начинот на живот, му се допадна, па затоа овде почна и свој бизнис, прво имавме продавница, а сега веќе неколку години го имаме нашиот кинески ресторан „Бамбо“ или „Бамбус“, убаво е да се живее овде – вели за „Република“ сопругата Јуњан, која срдечно прифати да ни раскаже зошто таа и нејзиното семејство се решиле да живеат во Македонија.
Колку ја познавате Македонија?
Јуњан: Сопруг одлично ја познава оваа земја, овде е подолго време од мене и посетил повеќе места. Јас во Македонија живеам осум години, улогата на мајка и работните обврски не ми дозволуваат многу да ги истражувам убавините на земјата, но од тоа што досега го имам видено и посетено, можам да кажам дека Македонија е место богато со многу природни убавини, култура и насмеан народ.
Зошто токму Македонија?
Јуњан: Видете, местото од каде што потекнувам, Чињуе (во близина на Шангај) е многу слично на животот овде. Во големите градови на Кина има многу народ и животот е многу динамичен. Јас и мојот сопруг сакавме мирен живот, без многу метеж, хармоничен за создавање семејство. Овде луѓето се потопли, социјалниот живот овде се одвива на сосема различен начин од Кина, овде имаш време и за работа, но и за дружење со своето дете, додека во Кина децата се речиси цел ден на училиште, а родителите на работа. Животот овде е порелаксиран, народот е позитивен, расположен секогаш да помогне.
Споменавте семејство, вие во Македонија го родивте вашиот син Јубо, кој вие, пријателите и во училиште го викаат Алесандро. Како е прифатен овде?
Јуњан: Алесандро е прекрасно дете. За разлика од мене, тој одлично зборува македонски бидејќи прво одеше в градинка, а сега е второ одделение во училиштето „Песталоци“. Син ми е, навистина, прифатен од околината, има многу другарчиња, си помагаат на училиште, а и наставниот кадар е посветен. Во класот на мојот син беше одбележана и Кинеската нова година, што, навистина, нѐ израдува сите. Иако дома зборуваме само на кинески, Алесандро нема никаков проблем со македонскиот јазик. Покрај ова, тој многу сака и македонска храна, а навива и за македонската фудбалска репрезентација.
Бидејќи сте сопственици и главни готвачи во ресторанот, често сте зафатени, кога имате слободно време, како и каде го користите?
Јуњан: Најмногу сакаме да посетуваме места, но и да пешачиме. Секоја втора недела се искачуваме до Милениумскиот крст на Водно, ја посетуваме Матка. Додека Алесандро секогаш бара да го носиме во „Сити мол“ и летово во аквапаркот. Кога имаме слободен викенд, пак, тогаш наша дестинација за релаксација е Охрид. Уживаме во овој град, навистина е прекрасен. Овде ни се допаѓаат и различните манифестации што се организираат во другите градови на Македонија, секоја година традиционално сме во Прилеп на „Пивофест“.
Кое е задолжително место за посета во Македонија, кое би им препорачале на вашите пријатели од Кина?
Јуњан: Прво би ги однеле во ресторан за да вкусат македонски специјалитет. Но, без сомневање, би сакале да го посетат Охрид и, секако, прошетка низ Скопје за да видат зошто живееме овде.
Вие сте професионален кинески готвач, но што е со македонската храна, која ви е омилена?
Јуњан: Кога станува збор за храната, морам да истакнам дека ние Кинезите сакаме повеќе да јадеме топли јадења, додека Македонците преферираат ладно и пржено. Мене лично многу ми се допаѓаат чкембе и телешка чорба, сакам да јадам бурек и мекици, го обожувам македонскиот ајвар и дома сакаме да пиеме убаво македонско вино.
Ја сака ли македонскиот народ кинеската храна?
Јуњан: Навистина е чудно, секаде во светот луѓето многу јадат кинеска храна, но овде тоа сѐ уште не е случај. Во Скопје луѓето бараат само неколку јадења од нашите специјалитети, лута супа, пилешко слатко, луто, кисело, кинески чипс, морска риба на кинески начин. Многу ретко се бара тофу, на пример, кое е омилено во светот.
Имаме различна кујна, но што е со културата, пронајдовте ли вие некои сличности овде или не?
Јуњан: Музиката е различна, културните навики, исто така, кај нас почитта е пред сѐ. Кога имаме гостин, на пример, домаќинот не седнува на маса додека сите гости не се сместат удобно, додека овде тоа не е случај. Но тука, пак, навистина се убави македонските свадби, сакаме да бидеме дел од нив. Има многу музика, се танцува и луѓето се среќни. Јас сакам да ја слушам вашата музика.
Македонија е нивно гнездо за семеен живот, Јуњан вели дека животот овде не е скап и може да се живее удобно. И по толку години поминати во Македонија, таа вели дека немаат желба да се вратат назад. Овде се среќни и тоа е доволна причина за да останат.
Пишува: К.Н.К
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Виолета Џолева, режисерка: Со првиот мјузикл за деца сакам да им се заблагодарам на маестро Џамбазов и на Оливера Николова
-
Бислимовски: РКЕ нуди четири цени на нафтените деровати, но трговците секогаш ја избираат највисоката
-
Тарик Филиповиќ: Жив актер на сцената сѐ уште е мамка за луѓето да доаѓаат во театар
-
Аница Добра, актерка: Навистина ја имам најдобрата професија на светот!