| четврток, 6 декември 2018 |

Светски ден на срцето: Дајте му сила на вашиот живот

Во Република Македонија во 2015 година од болести на циркулаторниот систем починале 11.939 лица

Денеска е 29 септември – Светскиот ден на срцето и Светската кардиолошка федерација оваа година Денот го одбележува под мотото „Дајте му сила на вашиот живот“.

Институтот за јавно здравје на РМ ќе го одбележи настанот со музички хепенинг на плоштадот „Делфина“ во населбата Влае во соработка со општина Карпош, во четврток од 11 до 13 часот.

Годинава нема бесплатни превентивни прегледи за граѓаните, но затоа ќе има промотивен материјал со насоки и совети за тоа како треба да се грижиме за здравјето. Како да му дадеме енергија на срцето, како да го движиме и како да го сакаме срцето. Како и секоја година превентивците од Институтот за јавно здравје апелираат:

Редовната посета на избраниот лекар и примената на превентивните совети и препораки се единствениот начин за намалување на ризиците од кардиоваскуларните болести и превенција на последиците од нив.

Секоја година кардиоваскуларните болести се причина за 17,3 милиони случаи на прерана смрт, а до 2030 година, се очекува дека 23,6 милиони луѓе ќе умрат од овие заболувања. Ова се проектирани бројки од Светската здравствена организација (СЗО), при што се очекува КВБ да останат водечка причина за смрт во светот.

Во Република Македонија во 2015 година од болести на циркулаторниот систем починале 11.939 лица.

Стапката на морталитет од циркулаторни заболувања во вкупното население во Македонија во периодот 2010-2015 година и понатаму има тренд на пораст. Поаѓајќи од фактот дека постои можност 80 проценти од срцеви заболувања да се спречат, Република Македонија спроведува мерки засновани на докази со цел да се превенраат факторите на ризик како што е употребата на тутун, нездрава исхрана, физичката неактивност и штетната употреба на алкохол, навремено препознавање на КВБ, подобрување во лекувањето на секундарно и терциерно ниво, зајакнувајќи го здравствениот систем со кадар, опрема, реконструкција на стари и изградба на нови болнички капацитети и други мерки. Основната цел е да одговори на се поголемото оптоварување на населението со кардиоваскуларни болести и намалување на инвалидитетот и смртноста од овие заболувања.

Институтот за јавно здравје, 10 центри за јавно здравје и здравствените домови активно работат на спроведување на кампањи, едукација во училиштата, здравствените установи, и други  средини, изработка и дистрибуција на здравствено-едукативен материјал, организирање на акции за бесплатни превентивни прегледи, пред сè, во рурални средини.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top