Институтот за јавно здравје на Република Македонија повикува на акција за заштита на здравјето на населението, а по повод Светската недела за подигање на свеста за намалување на сол во исхраната што се одбележува од 12 до 18 март.
На интернет страницата на www.iph.mk се објавени податоците и извештајот од истражувањето на Институтот за јавно здравје во соработка со СЗО.
Новото истражување покажува големи и непотребни варијации на количината на сол во лебот кој се продава во Македонија.
„Одделението за физиологија и мониторинг на исхрана при Институтот за јавно здравје на РМ учествуваше во глобално истражување за количината на сол во лебовите присутни на пазарот. Во истражувањето се покажа дека глобално, над 50 отсто од лебовите во истражувањето имаат повеќе од половина грам сол по порција. Во Македонија, во белиот леб просечно има 1,42 грама/100 грама. Во Македонија просечно се консумираат 11,5 g сол на ден, што е над двапати повеќе од препораките на Светската здравствена организација (СЗО)“ се вели во извештајот на ИЈЗ.
Институтот за јавно здравје на РМ повикува на донесување на цели за максимална дозволена количина на сол во лебот во РМ.
– Лебот е основна состојка на исхраната во голем број на земји во светот, со тоа е и еден од најголемите извори на сол. Најновото истражување на Светската акција за сол и здравје (WASH), која што егзистира во рамките на Универзитетот „Кралица Мери“ во Лондон, прикажува шокантни нивоа на сол присутни во овој производ. Во истражувањето беа вклучени над 2000 бели, целозрнести, мешани и други типови на леб од 32 земји и региони. Повеќе од една третина (34%) од лебовите имаа повеќе сол од максималната цел за сол во лебот во Обединетото Кралство (1,13 g/100 g). Количината на сол во лебовите во РМ варираше од 0,36 до 2,5 грама на 100 грама леб, што е далеку над препораките во Обединетото Кралство, кои беа земени како референтни.
Во РМ не постојат цели за максимална количина на сол во лебот.
Во РМ, особено висока количина на сол има во белите лебови (1,42 g/100 g), кои се доминантни во исхраната на нашето население.
Една четвртина од производите кои беа вклучени во истражувањето немаа на пакувањето објаснување за големина на порциите со што изборот на потрошувачите во однос на тоа колку од производот би требало да јадат е отежнат.
Многу земји имаат доброволни или задолжителни цели за максимална количина на сол во лебот. Намалувањето на количината на сол во лебот е лесен и ефективен начин за намалување на популацискиот внес на сол – истражувањата покажуваат дека количината на сол во лебот може да се намали за 25% за период од 6 недели, а потрошувачите воопшто да не забележат промена.
Неодамнешно истражување на WASH покажа дека третина од учесниците мислат дека СЗО може да направи повеќе во охрабрувањето на земјите за намалување на внесот на сол, но сепак најмногу од нив мислат дека дека најголема е одговорноста на владите на земјите во однос на таквата иницијатива и промена.
Институтот за јавно здравје на РМ повикува на донесување и усвојување на цели за највисока дозволена количина на сол во лебот во РМ, како и континуирана контрола за почитување на истите.
Во врска со истражувањето, Мхаири Браун, нутриционист во WASH вели: „Ова истражување јасно го демонстрира прогресот кој допрва треба да се направи за да се намали внесот на сол за 30% до 2025, во согласност со препораките на СЗО. Лебот е најважен прехранбен производ, но и клучен извор на сол во нашата исхрана, заради честотата со која го јадеме. На глобално ниво, мора да направиме повеќе за да го намалиме внесот на сол, а едноставен начин за да се постигне тоа е да ја намалиме солта во производите кои најчесто ги јадеме“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.