Меѓу пораз и шанса за победа се движеше дуелот број пет за Металург во регионалната ракометна СЕХА лига против Нексе во Скопје. Пред истекот на времето кое донесе конечни 25-25, тимот од Автокоманда имаше последен напад за победа, што не беше реализиран, но за жал за испуштеното не станува збор, затоа што гостите диктираа и, особено во второто полувреме беа во постојано водство.
Кога Хрватите, кои и на полувреме имаа еден гол разлика (10-11), на средина од вториот дел направија осетни 12-18, малкумина можеа да се надеваат на добар исход во салата Борис Трајковски. Но синиот состав на Лино Червар толку типично за него се врати, за што најзаслужни беа Драгаш со 8 и Марчец со 5 гола, но и концентрираната одбрана во завршните 15 минути.
Металург по три порази и една победа вечерва го оствари првиот нерешен резултат во СЕХА против Нексе (25-25), со што е прекината серијата успешни настапи во последните десет дена. В сабота Металург во натпревар од второто коло во Лигата на шампионите гостува кај Татран Прешов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.