Девет од 10 луѓе во светот дишат лош воздух, соопшти Светската здравствена организација (СЗО) во вторникот, повикувајќи на радикални мерки против загадувањето, поради што умираат повеќе од шест милиони луѓе секоја година, пренесува AФП.
– Новите податоци во извештајот на СЗО се доволни за да нè направат сите нас исклучително загрижени – изјави Марија Нејра, шефот на управувањето за јавно здравје и животна средина во СЗО.
Проблемот е акутен во градовите, но квалитетот на воздухот и во провинциските области е многу полош отколку што многу луѓе мислат, додаде таа.
– Воздухот во сиромашните земји е многу повалкан, отколку во богатите, но загадувањето влијае практично на сите земји во светот и сите делови од општеството – се наведува во извештајот.
– Јавното здравство се наоѓа во вонредна состојба – проценува Нејра.
Извештајот на СЗО е базиран на собраните податоци во 3.000 места во светот. Како резултат на анализата се покажува дека 92 отсто од светското население живее на места каде што нивото на загадување на воздухот се повисоки од стандардите на СЗО.
Поради изложеноста на загаден воздух секоја година умираат по 6 милиони луѓе , покажуваат податоците на СЗО.
Околу 90 отсто од загубата на живот поради нискиот квалитет на воздухот се факт во земјите со пониски приходи. Во најтешка положба се земјите од Југоисточна Азија и Западниот тихоокеански регион – вклучувајќи ја и Кина, Малезија и Виетнам.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.