По светската премиера на „Соларис“ во јуни на фестивалот „Виенер фествохен“ во австриската престолнина, претставата во режија и драматизација на светски познатиот Андриј Жолдак вечер ќе има и македонска премиера на сцената на Македонскиот народен театар (МНТ) со почеток во 20 часот.
Претставата раскажува за човек кој се бори со своето минато, гревови и фантазии. Во еден момент од животот добива шанса наречена Соларис при што го доживува најстрашниот кошмар и има можност да се изгуби повторно.
Во актерската екипа се: Дејан Лилиќ, Дарја Ризова, Александар Ѓорѓиески, Александар Михајловски, Славиша Кајевски, Арна Шијак, Софиа Насевска-Трифуновска, Драгана Левенска и децата Дарио Ефтимовски и Калина Трипкова. Тие играат во простор кој е решен сценографски, со видеопроекција и камера во живо.
Уметничкиот директор на МНТ, Тони Михајловски на денешната прес-конференција истакна дека оваа копродукција е од големо значење за Македонскиот народен театар и воопшто за Македонија бидејќи, како што рече, МНТ продолжува да го разнесува добриот македонски збор насекаде во светот и да го зачувува.
Главниот актер Дејан Лилиќ рече дека претставата трае три часа и потикнува на размислување за тоа каде се наоѓаат луѓето во ова општество, во 21 век, покрај целата технологија и цивилизација.
– Оние што ќе ја гледаат претставата треба да очекуваат дека ова не е граѓански театар, не е театар каде можеби се ќе ви биде јасно, не е театар кој ќе ве милува, туку театар што ќе ве поучи и ќе ве натера да размислувате каде се наоѓате вие како човек во ова општество. Ќе ве натера да размислувате за сите ваши гревови и дали треба вашите гревови треба да си ги признаете пред се пред себе си, а потоа пред другите, рече Лилиќ.
Додаде дека претставатата нема да ја остави публиката рамнодушна и оти е едно убаво парче искуство кое не се заборава.
Дарја Ризова нагласи дека претставата зборува за грев, совест, халуцинација, губење верба и дали Бог го имаме во себе и дали тој постои во сите нас. Таа ја игра девојката на главниот лик, Реја, која извршила самоубиство.
Младите актери аматери Калина Трипкова и Дарио Ефтимовски потенцираа дека долго и напорно работеле во театарот и оти немаат трема на сцена.
Сценографијата и дизајнот на светлото се на Моника Пормале и Андриј Жолдак, костимите и видеоконцептот на Даниел Жолдак, а автор на музиката е рускиот композитор Владимир Кликов.
Светската премиера на „Соларис“ во Виена беше на 10 јуни на „Виенер фествохен“ (Wiener Festwochen) – престижен фестивал кој е и копродуцент на нашиот театарски проект. Претставата пред виенската публика имаше уште две изведби, на 11-ти и 12 јуни во комплексот Музеумквартирс (MuseumsQuartiers-MQ).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.